Вечерњи лист: Се проверува хрватската врска со терористите од Париз
Хрватските безбедносни служби во соработка со француските колеги проверуваат линкови на некои од терористите во Париз , кои за врска користеле мобилни телефони купени во Хрватска, пишува „Вечерњи лист“.
Престижнот весник „Њузвик“, повикувајќи се на таен документ на француските служби, пишува дека Салах Абдеслам користел две телефонски картички „Самсунг“.
Како што стои во написот, на кој се повикува порталот Албеу, едната картичка била хрватска ,додека другата албанска. Весникот уште наведува дека во повеќе балкански земји ИД регрутирала голем број борци.
Реконструкцијата која ја направил „Вечерњи лист“ врз основа на официјалните документи на француските истражители, го покажува движењето на терористите, нивните меѓусебни односи, како и односите со луѓето надвор од тесниот круг на напаѓачите, а во тој контекст е пронајдена и врска со Хрватска.
Имено, во нападите на стадионот, кафулињата и рестораните во Париз, напаѓачите користеле мобилен телефон од Хрватска, а двајца од нив, а не како што досега се мислело еден, на пат од Сирија во Париз минале низ Грција и натаму по балканската рута преку Хрватска, користејќи се со фалсификувани документи.
Според исказот на еден од сведоците, организаторот на нападите во Париз, Абделхамид Абауд, и рекол на роднината Хасни аит Булахсен дека од Сирија стигнал преку балканската рута, инфилтрирајќи се меѓу мигрантите, како и оти со него пристигнале уште 80 борци во Европа.
Таа во повеќе наврати упатувала повици во Хрватска или повикувала некого од хрватски број, пишува во француските документи, наведува „Вечерњи лист“.
Салах Абдеслам (27) е главниот осомничен за терористичките напади во Париз во ноември 2015. година, кого белгиската полиција го уапси во средината на овој месец во белгиската населба Моленбек, каде пораснал.
Француските власти бараат тој да биде испорачан во Париз, каде го чекаат обвиненија за тероризам поради учеството во нападите изведени на 13 ноември на повеќе локации во Париз, во кои што беа убиени над 130 луѓе.
Неговиот адвокат, Свен Мари, кој се појавил пред истражниот суд на Белгија на првото сослушување по повод екстрадициската процедура на неговиот клиент побарал итна екстрадиција на неговиот клиент во Франција.
Истражниот судија не донесол одлука дали Салах Абдеслам по итна постапка ќе биде екстрадиран во Франција, што е негова желба, туку одлуката ја одложи до 7 април.