Алармантно предупредување: шест милиони луѓе годишно умираат поради загаден воздух
Во алармантното соопштение на Светската здравствена организација (СЗО) се наведува дека загадениот воздух е одговорен за смртта на повеќе од шест милиони луѓе годишно, затоа таа повикува на итна акција против загадувањето.
Податокот дека повеќе од 92 отсто од населението на Земјата дише воздухот со полош квалитет од пропишаните стандарди на СЗО, е доволен за голема загриженост, вели во соопштението на СЗО, раководителот на Одделот за јавно здравје и животна средина, д-р Марија Неира.
Таа предупреди дека проблемот е поголем во градовите, но дека и воздухот во руралните средини е со многу полош квалитет од тоа што многумина мислат.
Најопасното загадувањето е со честички што лебдат во воздухот и претставуваат смеса од цврсти материи и капки. Некои честички се емитираат директно од загадувачите, а другите се формираат кога загадување емитирано од различни извори меѓусебно се поврзува во атмосферата.
Честичките што лебдат се со различна големина. Помалите од 10 микрометри во дијаметар се толку мали што можат да навлезат во белите дробови, каде што може да предизвикаат сериозни здравствени проблеми. Тие се вдишуваат заедно со воздухот и навлегуваат длабоко во белите дробови. На тој начин, многу хемикалии опасни по здравјето на луѓето се пренесуваат до внатрешните органи, предизвикувајќи голем број болести, од кои некои завршуваат со смрт, вклучувајќи го ракот, особено ракот на белите дробови, мозочниот удар и оштетување на фетусот.
Откриено е дека постои голема поврзаност меѓу загадувањето со PM10 и повеќето болести на респираторниот систем, со срцевите заболувања, а нивната последица е зголемен морталитет.
Но „фините“, најмали честички од 2,5 микрометри во дијаметар, и тие уште помалите, се толку ситни што може да се откријат само со електронски микроскоп. Главни извори на фините честички се моторните возила, термоцентралите, горењето на дрва и јаглен во домашните печки, шумските пожари, палењето на обработливите земјишта, некои индустриски процеси и сите останати процеси на согорување.
Во извештајот на СЗО, исто така, се наведува дека не е пронајден доволно уверлив доказ според кој маските, што во некои земји на светот се носат преку носот и устата успеваат да ја филтрираат нечистотијата од воздухот.
„Според податоците од извештајот, во посиромашните земји воздухот е позагаден отколку во развиените земји, но загадувањето „влијае на сите држави во светот и на сите делови на општеството“, предупреди Неира.
Таа ги повика владите во светот да го намалат бројот на возилата на улиците, да го подобрат начинот на депонирање на отпадот, да се ангажираат за воведување на обновливи извори на енергија и т.н.
Со исклучок на некои области во двете Америки, во сите други области на светот помалку од 20 отсто од населението живее во места каде што квалитетот на воздухот е во согласност со нормите препорачани од Светската здравствена организација.
Најтешко се погодени областите на Кина, Малезија и Виетнам.
За прочистување на воздухот не е одговорна само човечката активност, туку и песочните бури, особено во областите што се наоѓаат во близина на пустините. Извештајот се заснова на податоци од 3.000 локалитети во светот, повеќето градови, а изработен е во соработка со Британскиот Универзитетот во Бат.
Благодарение на софистицираните мерења кои се прават со сателитите, експертите се надеваат дека ќе ги охрабрат државите повеќе да се ангажираат во зачувувањето на планетата. Неира истакнува дека агенцијата на ОН денеска има повеќе информации за загадувањето од кога било досега, пренесува Б92.
Извор: Плусинфо.мк