Ќе се постави мобилна единица за пациенти со Ковид-19 во дворот на Воена болница во Солун
Објавено на 23 ноември, 2020 во 10:28
23.11.2020
Мобилна здравствена единица со 50 кревети за итни случаи на пациенти со Ковид-19 ќе се постави во дворот на воената болница во Солун, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации, мобилната единица ќе биде завршена до четврток, а е по одлука на грчкото политичко и воено раководство, додека, пак, денеска за Солун заминува заменик-министерот за одбрана на Грција Алкивиадис Стефанис.
Мобилната единица ќе располага со 50 кревети и радиолошка лабораторија, но нема да има оддел за интензивна нега.
Солун е најпогоден од вториот бран на коронавирусот, со речиси целосно исполнети болници, а најголемиот број дневни случаи на Ковид-19 се токму во овој грчки град.