Студот може да ги измрзне овошките и лозјата
За време на викендот се очекуваат многу ниски температури кои можат да ги измрзнат лозјата и овошките. Температурите во наредните денови се очекува да паднат до -20 степени Целзиусови. Тие нема да предизвикаат никакви штети кај есенските посеви, но претставуваат опасност за овошките и лозовите насади, пишува Фактор.
Ангелко Ангелески од УХМР вели дека се можни оштетувања на родните папки кои се во услови на мирување, а не е исклучено и измрзнување на тенките гранчиња.
„Очекуваме да се формира снежна покривка насекаде во Македонија, вклучувајќи ги и земјоделските региони, особено Пелагонија и Овче Поле каде има житни култури. Тие во овој момент се најмногу изложени на надворешните влијанија но, се надеваме дека нема да претрпат никакви штети зашто снежната покривка делува како изолатор. На удар ќе бидат многугодишните дрвја, виновата лоза и овошките кои се во фаза на презимување, посебно ако температурите паднат до – 18 степени“ – објаснува Ангелески.
Студот нема да има поголемо влијание врз другите култури, но на некои од нив ќе им биде потребно и загревање.
Извор: Фактор