Град во Италија воведува казни за давање пари на просјаците
Еден град во Италија одлучи со проблемот на просјаците да се избори на свој начин – наместо да ги казнува просјаците, властите планираат да воведат парични казни за минувачите кои им даваат пари.
Таа одлука е објавена откако жителите на приморскиот град Бордигера во регионот Лигурија, изнеле жалби дека локалните просјаци не ги оставаат на мир, пренесува „Раша тудеј“.
– Бесмислено е да ги казнувате оние кои не можат или никогаш нема да можат да платат казни – рекол градоначалникот Џакомо Паланка. Тој за локалниот весник „Секоло ХIХ“ рекол дека таа појава мора да се искорени бидејќи, како што истакнал, зад неа често се кријат вистински организации, а најдобар начин тоа да се направи е да се обесхрабрат оние кои на просјаците им даваат пари.
– За секого кој навистина е во тешка материјална состојба, на располање се социјалните служби – додал градоначалникот.
Стивен Барнс од добротворната организација „Проџект Рум“ рекол дека ја поддржува одлуката на градоначалникот на Бордигера.
– Не само што е понижувачки да му фрлите пари на некого на улица, туку далеку подобро е да покажете вистинско сочувство и љубезност – вели Барнс, оценувајќи дека одлуката на градските власти е да ја елиминира опасноста од поддржување на организиран уличен криминал или поттикнување на алкохолизмот и наркоманијата. Во организацијата „Проџект Рум“, Барнс наведува дека нивна цел е на просјаците да им се помогне на други начини.
Подобро е, предлагаат тие, хуманите луѓе – наместо да им фрлат пари – да им купат чорапи, шампон или да им донесат ќесе со производи од супермаркети.
Иако просјачењето и понатаму е легално на национално ниво во Италија, некои тамошни градови имаат сопствени прописи кога станува збор за тоа, па така Венеција во 2008 година забрани просјачење и воведе казни од 25 до 35 евра за оние кои нема да ја почитувааат забраната.
Просјачењето, исто така, е збрането во Шведска и Англија, како и во некои региони во Норвешка и Австрија, додека во Грција се казнува со шест месеци затвор.
Извор: Плусинфо.мк