Спојува богаташи со убави девојки, а целта е – брак
Австралијката Луана Вард се занимава со работа од која заработува милиони долари. Taa спојува богаташи со убави девојки, а целта е – брак.
Иако многумина веднаш помислуваат дека станува збор за проституција, Луана тврди дека нема ништо лошо во тоа да им помогне на луѓето да ја пронајдат вистинската љубов. Таа услуга ја наплаќа 15.000 долари.
– Во мојата агенција се богати и убави луѓе. Ако сакате квалитет, морате тоа и да го платите. Ова не е проституција, ова функционира како сајтовите на кои луѓето сами се запознаваат, само што овде имаат посредник, па сè е посигурно. Нема страв од тоа на кого може да наидете – вели Луана.
Таа почнала да се занимава со оваа работа во Перт кога имала 19 години, а потоа на 23 години отворила сопствена агенција.
– Целиот живот го посветив на оваа работа. Кој и да дојде кај мене нема да згреши. А ми доаѓаат разни луѓе. Не би поверувале. Славни и политичари – вели таа.
Луана открива на кој начин функционира сè.
– Моите клиенти се претежно богати мажи и убави жени. Иако има и обратни случаи – оној што бара личност ми дава насоки, а јас од базата му испраќам фотографии и карактеристики од таа личност. Ако си се допаднат еден на друг, тогаш им договарам средба. После, сè зависи од нив. Повеќето мажи кои ме контактираат имаат јахти, па е пожелно девојката да сака бродови. Често организираме и забави на тие јахти, па повеќе од нив одеднаш се запознаваат – вели Луана.
Таа истакнува дека е најсреќна кога од тие познанства се раѓа брак.
– Тоа е и целта. Да ја пронајдат љубовта на својот живот. Мажите претежно не бараат и нивната партнерка да има пари. Тие бараат таа да биде духовита, да го има „она нешто“, да е пријатна и да имаат заеднички интереси. Жените од друга страна бараат некоја сигурност и добар човек на кој можат да се „потпрат“ и да сметаат на него – вели Луана.
Таа истакнува дека ова за неа е најдобрата работа на светот: „Дали има нешто поубаво од фактот дека токму вие сте таа која пронаоѓа сродни души?“.
Извор: Плусинфо.мк