Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Mакедонија и Балканот денеска се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред десет години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.
Како и во изминатите девет години, 12 маратонци од повеќе градови од Македонија во чест на Тоше завчера го почнаа маратонот од Нова Градишка и денеска напладне треба да стигнат во Крушево на неговото вечно почивалиште.

Потоа во Спомен-куќата на Тоше на Гумење ќе има културно-уметничка програма – петнаесетина студенти од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип ќе сликаат, инспирирани од животот и делото на Тоше, учениците од ОУ „Никола Карев“ од Крушево ќе изведат поетски рецитал, а ќе настапи и хорот на крушевската гимназија „Наум Наумоски-Борче“.

Фондацијата „Тоше Проески“ најави нов албум кон крајот на ноември и почетокот на декември со песни на Тоше снимени на англиски јазик во студиото на Енди Рајт во Лондон. На албумот ќе има шест песни, меѓу кои и „Light the Flame“ која беше промовирана на 5 октомври на манифестацијата „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше”. На албумот ќе има и неколку преработки на стари хитови на Тоше.

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран (The Hardest Thing).

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004-та ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.

 

Најново