Првата „Star Wars“ телевизиска серија на малите екрани ја носи Џон Фавро
Секоја година универзумот на „Star Wars“ се шири со нови филмови, анимирани серии, книги и стрипови, а новите вести велат дека тие ќе пробаат да го освојат пазарот на играни серии.
Џон Фавро, кој е познат како режисер на хитови како „Iron Man“ и „Chef“, ќе ја пишува и продуцира првата играна серија од „Star Wars“ франшизата.
Од Lucasfilm доцна вчера вечерта најавија дека Џон Фавро ќе биде одговорното лице за серијата од „Star Wars“ универзумот, која ќе се емитува на новата платформа за стримање на Disney. Засега уште не е познато за што ќе се работи во серијата, но не е изненадување дека Disney и Lucasfilm уште еднаш се свртеа кон Фавро, откако претходно имаа успешна соработка на филмови како „Jungle Book“ и „The Avengers“.
„Ако додека бев дете ми кажевте дека ќе работам на било што поврзано со ‘Star Wars’, веројатно немаше да ви верувам. Едвај чекам да почнам со работа“, изјави Фавро.
Ова е еден од неколкуте телевизиски проекти на кои работи тимот на „Star Wars“ заедно со Disney, а досега не е потврден ниту еден наслов.