„Епл“ ја изгуби битката во Кина: Ајфон може да се користи за производи од кожа
Кинеската компанија „Синтонг Тијанди“ добила судски спор со компанијата „Епл“, која го оспорила користењето на името Ајфон во кинеската компанија која се занимава со производство на чанти и други производи од кожа.
Судот во Пекинг навел дека „Епл“ не докажал дека „Ајфон“ бил „познат бренд“ во Кина во 2007 година, пред локалната компанија да побара регистрација на името.
Пресудата и дозволува на компанијата „Синтонг Тијанди“ и понатаму да го користи името на брендот „Ајфон“, пренел весникот „Лигал дејли“, кој ја објавува правната комисија на владеачката комунистичка партија.
Компанијата ја регистрирала марката за да ја користи на чанти, футроли за мобилни телефони и други кожни производи.
„Епл“ соопштил дека ќе бара ново судење, како и тоа дека победил во другите тжби против „Сингтон Тијанди“.
– Вредно работиме да ги направиме најдобрите производи на светот и сакаме да бидеме сигурни дека искуството на нашите корисници не е компромитирано од компаниите кои се обидуваат да извлечат добивка со користењето на нашата марка – се наведува во соопштението на „Епл“.
Кина е втор најголем пазар на „Епл“, по САД, без оглед на тоа што продажбата во првиот квартал во поширокиот регион на Кина опаднала за 26 отсто во однос на минатата година. Во Кина се суспендирани и сервисите Ајтјунс и Ајбук , но компанијата неодамна објавила дека се надева дека наскоро ќе започнат да работат.
„Сингтон Тијанди“ побарал регистрација на името за користење на паричници и кожни производи во 2007 година, две години пред телефонот на „Епл“ да почне да се продава во Кина, а „Епл“, кинеската компанија ја тужел во 2012 година.
Извор: Плусинфо.мк