Била фаворит за круна, но убавицата го напуштила натпреварувањето два дена пред финалето
Дека непријатните коментари на сметка на изгледот се составен дел од модниот бизнис и индустријата за убавина, тоа е добро познат факт. Но, само ретки поединци знаат да им се спротивстават на притисоците и да реагираат на вистинскиот начин.
Организаторите на „Мис Гранд Интернешнел 2016“ останале буквално без текст кога една од главните кандидатки за титулата го напуштила изборот на само два дена пред финалето.
Арна Јир Јонсдотир на овој драстичен чекор се одлучила откако добила неумесна порака од организаторот на натпреварот, коешто е во сопственост на тајландското телевизиско лице Нават Итсарагрисил.
„Престани да појадуваш, за ручек изеди само салата и пиј вода секоја вечер, сè до натпреварот“, гласел „добронамерниот“ совет којшто ја разбеснел 20-годишната убавица од Рејкјавик, поради кој таа ги спакувала куферите и заминала.
„Ќе се заземам за себе и за сите жени од Исланд. Нема да дозволам некој да ми кажува дека сум премногу дебела. Кога сте организатор на интернационално натпреварување во убавина, тогаш мора да бидете и способни и да ја препознаете интернационалната убавина“, одлучно напишала Арна на својот профил на Фејсбук.
Арна во септември, 2015 година, ја понела титулата Мис Исланд, а за својата фигура за која досега добивала само комплименти благодари на гимнастиката, со која таа професионално се занимавала во текот на последните десет години.
„Мис Гранд Интернешнел“ се смета за еден од петте најголеми натпреварувања во убавина во светот, покрај „Мис Универзум“, „Мис на светот“, „Мис Интернешнал“ и „Мис Супранешнал“. Оваа година изборот се одржува денеска (25 октомври) во Лас Вегас.