Мерцедесот на Хитлер на аукција во Аризона
Луксузниот мерцедес од 1939 година кој нацистичкиот лидер Адолф Хитлер го користел за патување по Германија ќе биде понуден на аукција во Аризона следниот месец.
Освен што некогаш бил автомобил на Хитлер, таа лимузина е една од само четирите направени од овој модел мерцедес бенз 770К гросер, познат и како супермерцедес.
Со мотор со зафатнина од 7,7 литри, способен е да развие брзина од 169 км/ч, автомобилот бил пропаганден симбол на Третиот рајх, со кој Хитлер често се возел стоејќи на предното седиште за време на митинзи.
Категоризиран е како историски најзначаен автомобил некогаш понуден на јавна продажба, импозантниот кабриолет со четири врати ќе биде понуден на аукција во Скотсдејл на 17 јануари.
Возилото, кое некогаш на себе ја имал регистарската табличка IA 148461, користено е, меѓудругото, во победничката парада низ Берлин по победата на Франција и за Хитлеровата посета на италијанскиот диктатор Бенито Мусолини.
Кон крајот на војната паднал во рацете на американските сили во Франција, кои, очигледно не знаејќи за неговото потекло, го сврстиле во својот возен парк.
По војната кратко бил со приватна сопственост во Белгија, а потоа е префрлен во САД, во Гринвил, во Бирото на ветерани во Северна Каролина. Користен е во воени паради.
На почетокот на 2000-тите, продаден е на европски колекционер, а во 2009 година на руски милијардер. Американските медиуми пишуваат дека на аукцијата може да достигне цена од неколку милиони долари, пренесува RTS.