Ололаи, гратче во планинските предели на италијанскиот остров Сардинија во Средоземното Море продава стотици напуштени куќи по цена од 1 евро
Дали отсекогаш сте сонувале да имате убава куќичка на село во Италија? Сега тој сон може да ви се исполни. И тоа само за едно евро.
Ололаи, гратче во планинските предели на италијанскиот остров Сардинија во Средоземното Море продава стотици напуштени куќи по цена од 1 евро.
Ова не е прва ваква атрактивна понуда во Италија, но ова гратче е првото што навистина си стои на зборот. Убавината и историјата на овој предел се дополнителна атракција за заинтересираните купци.
Сепак, оваа понуда има и скриена „финта“. Околу 200 куќи што се понудени на продажба се стари, изградени од камен и во прилично лоша состојба, па купците мора да се обврзат да ги реновираат во рок од три години од купувањето, што ќе ве чини околу 25.000 евра.
Зад оваа акција стои план за оживување на заедницата што се соочува со ризик да стане град на духови.
Во изминатите 50 години, бројот на жители во Ололаи се намали од 2.250 на 1.300 и во гратчето се раѓаат само неколку бебиња годишно.
„Имаме праисториско потекло“, вели Ефисио Арбау, градоначалник на Ололаи.
„Мојата борба е да ги спасиме нашите уникатни традиции од заборав. Нашата силна страна е тоа што се гордееме со нашето минато. Отсекогаш сме биле жилав народ и нема да дозволам нашето гратче да замре.“
Ололаи некогаш бил главен град на Барбаџа и денес е најнедопрениот и најавтентичен дел од Сардинија.
Некогаш бил полн со живот и плоштадите украсени со мурали биле полни со луѓе, а денес младите сѐ почесто си заминуваат во потрага по подобар живот во поголемите градови.
Напуштени и од последните наследници, куќите кои се ставени на продажба тонат во руина, со децении завиткани во пајакови мрежи.
Традиционалниот начин на живот во голема мера продолжува да опстојува. Локалните сточари произведуваат прекрасно овчо сирење Casu Fiore Sardo по кое е позната областа, а мајсторите уште прават рачно плетени кошници.
„Мора да ги вратиме во живот куќите на нашите баби“, вели градоначалникот.
Со специјален декрет тој во 2017 година ги понуди куќите на пазарот на недвижнини по багателна цена.
Покрај тоа што се прилично руинирани, добар дел од куќите веќе се продадени и Арбау вели дека добиле над 100 понуди од целиот свет, вклучувајќи заинтересирани купци од Русија и Австралија.
Градоначалникот се надева дека реновирањето на куќите ќе помогне да се отворат нови работни места и дека ќе се оживее локалното стопанство.