Лондон постави клупи што впиваат смог
Во Лондон се поставени „Сити Три“ (City Tree – Градско дрво) клупи кои служат и како филтери кои го впиваат загадувањето од воздухот.
„Сити Три“ клупите работат со помош на мов и други растенија кои природно отстрануваат азот диоксид, прашина и гасови од воздухот, а поставени се пред продавници со органска храна и популарни кафулиња во близина на Пикадили.
Клупите се вклучени на интернет и покажуваат податоци за квалитетот на воздухот, температурата, квалитетот на водата и влажноста на земјата. Во нив има соларни плочи кои ги снабдуваат со енергија и направени се од цврст материјал за да бидат отпорни на удари од страна на вандали.
Клупите ги произведува германската компанија „Грин Сити Солушнс“ (Green City Solutions). Иако не е голема, производителите тврдат дека една клупа дејствува како 275 вистински стебла. Една клупа годишно може да филтрира 265 јаглерод диоксид и други честици.
Вакви клупи освен во Лондон има и во градови како што се Хонг Конг, Амстердам, Париз и Осло.
Целта на производителот е технологијата од „Сити Три“ да ја инсталира во згради за да може да се регулира квалитетот и температурата на воздухот во големите градови. Големите градови се надеваат дека со помош на новата технологија ќе успеат да го намалат влијанието на загадениот воздух врз здравјето на жителите.
Во Лондон е измерен најлош квалитет на воздухот и во последно време степенот на загаденост ги надминува границите што ги постави ЕУ.