Македонски професор и студенти развиваат дрон за мапирање како прв во светот
Vision Dynamix е спин оф компанија на Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје, а истата е плод на идеја разработена како дел од магистерски труд и желба да им се пружи можност за професионален развој на младите инженери кои штотуку излегле од факултет. Основачи на компанијата се профeсор д – р Миле Станковски и неговиот тогашен магистрант Душко Муртовски, кои решиле од истражувањата направени на факултетот понатаму да развиваат производ кој ќе може да се комерцијализира, пишува специјализираниот портал inovativnost.mk.
Стартапот денес, освен основачите, има уште тројца вработени – Столе Јовановски, Андреј Георгиевски и Стефан Златинов, млади инженери кои се вклучиле во проектот додека биле на додипломски студии на ФЕИТ.
„Фирмата постои од минатото лето, но ефективно почна да работи од 1 февруари 2017 година. Ги одбравме тројцата најдобри студенти кои ќе работат на производот, двајца од ФЕИТ и еден од ФИНКИ и станува збор за кадар способен да работи на реални проекти. Ова е еден од начините како младиве да се задржат во државата. Не се работи толку за пари, колку што се работи за условите за работа. Проектот на кој работиме, производот кој го развиваме, е нешто што досега не постоеше на глобално ниво. Тоа што студентиве го работат, не го учат од книги, туку ги следат научните трудови кои сега излегуваат на конференции или во списанија“, раскажува за Иновативност професорот Станковски за почетоците на компанијата и за можностите кои истата ги создава за младите кадри.
Во вториот повик за проекти на Фондот за иновации и технолошки развој, тимот подготвил апликација и се нашле помеѓу неколкуте компании кои добиле грант од 30 000 евра за развивање на производот. Како што ни споделија, тој грант не е доволен за целосно да се развие ваков тип на производ посебно бидејќи проектот бара човечки ресурси и постојано работење на производот.
Визијата на Vision Dynamix е да излезе на светскиот пазар со уникатен и иновативен производ, односно како што веќе споменавме, самоуправувачко летало –дрон, кој ќе создава тридимензионални мапи. Професорот Станковски детално ни го објасни производот.
„Нашата идеја е да искористиме дрон на кој ќе го инсталираме системот кој го развиваме, односно систем за 3Д мапирање кој користи видео. Веќе постоечките комерцијални производи од ваков тип користат фотографии, а ние сме можеби првите кои користиме видео. Значи, воведуваме неколку новитети, меѓу кои и тоа што на дронот инсталираме компјутер со многу моќен процесор кој видеото ќе го обработува додека дронот лета во реално време. Сегашниве дронови за мапирање работат на принцип со тоа што дронот фотографира, а потоа системите офлајн ги обработуваат фотографиите и прават 3Д мапи. Сето тоа трае многу бавно, а нашиот систем овозможува поврзување на дронот преку 4G мрежа директно со канцеларијата на фирмата која врши мапирање.“