Илон Маск го презеде местото на Бил Гејтс како втор најбогат човек во светот
24.11.2020
Сопственикот кој е и главен и извршен директор на ИТ компанијата „Tesla“ , Илон Маск со богатство проценето на 128 милијарди долари се искачи на второто место на листата на најбогатите луѓе во светот. Тој ова место го презеде од Бил Гејтс кој сега со вредност слична со таа на Маск, падна на третото место.
Првото место продолжува да го држи директорот на Amazon Џеф Безос, кој со вредност од 182 милијарди долари цврсто го држи ова место веќе неколку години. Елон Маск за многу кратко време напредува неколку места за да дојде до второто.
Напредокот на Маск на листата, односно зголемувањето на неговото богатство се должи на растот на вредноста на акциите кои тој ги поседува во неговите Tesla и SpaceX.
Вредноста на Tesla се смета дека е најголема во светот во областа во која работи, иако бројот на произведени и продадени автомобили не може да се спореди со тој на другите автомобилски компании.
Покрај Tesla, оваа година голем напредок има и SpaceX кои успешно го изведоа првото лансирање на луѓе во орбитата на Земјата, како и првото лансирање од САД после долги години зависност од Русија за овие активности. SpaceX сега е официјалниот „превозник“ на NASA.
Интересно, за Бил Гејтс се истакнува дека не би го загубил второто место да не давал голем дел од богатството во добротворни цели. Вредноста која тој ја има дадено се смета дека е околу 27 милијарди долари.
Инаку, доколку се погледне листата на најбогати луѓе во светот, се забележува дека голем дел од неа ја сочинуваат луѓе од ИТ индустријата, што не изненадува со оглед на времето во кое живееме.
Мите Јаначков