Нова студија: LED светилките ефикасно го уништуваат коронавирусот
24.12.2020
Истражувачите од Универзитетот во Тел Авив покажаа дека новиот коронавирус SARS-CoV-2 може да се убие ефикасно и брзо со користење на ултравиолетови (UV) диоди кои емитуваат светлина (UV-LED).
UV-LED технологијата е релативно евтина и потенцијално наскоро може да биде достапна и за приватна и за комерцијална употреба.
„Целиот свет во моментов бара ефикасни решенија за дезинфекција на коронавирусот“, вели Хадас Мамане, водечки автор на студијата.
„Проблемот е што за дезинфекција на автобуси, возови, спортски сали или авиони со хемиско прскање е потребна физичка работна сила, а за прскањето да биде ефективно, треба да ѝ дадете на хемикалијата време да делува на површината. Системите за дезинфекција што се темелат на LED-светилки би можеле, на пример, дасе вградат во системот за вентилација и клима-уредот и да го стерилизираат вшмуканиот воздух што потоа се враќа назад во просторијата“, рече тој.
Наодите покажаа дека бранова должина од 285 nm е скоро подеднакво ефикасна во дезинфекцијата на вирусот како бранова должина од 265 nm, уништувајќи повеќе од 99,9% од коронавирусот за помалку од половина минута. LED светилките од 285 nm се значително поевтини и подостапни во споредба со сијалиците од 265 nm, што го прави ова важно откритие.
Како што се развива технологијата, се надеваме дека сијалиците ќе бидат вградени во роботските системи или системите за климатизација, вшмукување и вода, со што ќе се зголеми ефикасноста на дезинфекција на големи површини и простори.
„Сфативме дека е многу лесно да се убие коронавирусот користејќи LED светилки кои испуштаат ултравиолетова светлина“, рече Мамане.
„Ги убивме вирусите користејќи поевтини и подостапни LED светилки кои трошат малку енергија и не содржат жива како обичните светилки. Нашето истражување има комерцијални и оптествени импликации, со оглед на можноста да се користат такви LED светилки во сите области од нашиот живот, безбедно и брзо”, рече тој.
Мите Јаначков