Моќниот хибриден Toyota Highlander пристигна во Европа (ВИДЕО)
26.01.2021
Новиот Toyota Highlander, кој ќе биде поставен над RAV4 во опсегот на модели на компанијата, за прв пат пристигнува на пазарот во Западна Европа.
Редизајниран целосно за 2020 моделската година во САД, Highlander ќе се продава и во Европа бидејќи Toyota сака да ја искористи популарноста на SUV моделите.
Новиот Highlander ќе пристигне ексклузивно како хибриден модел исклучиво со четвртата генерација на самополнечки хибриден погон на компанијата, кој ги комбинира 2,5-литарскиот бензински мотор со преден и заден електромотор и никел-метална хидридна батерија поставена под вториот ред седишта. Овој SUV е поставен на TNGA-K платформата и интелигентен погон на сите четири тркала (AWD-i). Новиот хибриден Highlander наменет за Европа е 4.966 милиметри долг, 1.930 милиметри широк, 1.755 милиметри висок и има 2.850 милиметри меѓуосовинско растојание.
Комбинираната моќност на хибридниот погон во Toyota Highlander 2021 изнесува 248 КС, што овозможува спринтот до „стотка“ да се достигне за 8,3 секунди, додека максималната брзина е 180 километри на час. Toyota вели дека нивниот нов SUV исто така е способен да се движи со брзина до 125 километри на час во електричен режим.
Новиот Highlander се карактеризира со менувач за возачки режими кој вклучува Eco, Normal, Sport и Trail режими.
Сите четири режими можат да се селектираат дури и кога возилото работи во електричниот режим. Toyota исто така го унапреди и CVT менувачот, истакнувајќи дека новиот брзински сразмер е оптимизиран за максимална ефикасност на горивото, а благодарение на тоа, нуди и намалена бучава, со што моторот е потивок од било кога.
Меѓу опциите се наоѓаат панорамски сончев покрив, поголем 12,3-инчен инфозабавен систем со сателитска навигација и премиум аудио систем со 11 звучници од JBL. Продажбата на Toyota Highlander Hybrid 2021 во Европа ќе започне наскоро, а почетната цена за германскиот пазар изнесува 53.250 евра.
Погледнете како изгледа новиот Toyota Highlander одблиску.
Мите Јаначков