Подгответе бадникова вечера
Бадниковата трпеза е составена од подготвени посни јадења. Покрај подготвениот зелник, грав, посна сарма, салата од кисела зелка потребна ви е и риба. Еве како најбрзо се подготвуваат овие традиционални македонски јадења. На трпезата задолжително треба да го имате и бадниковото лепче. Украсете ја трпезата со вазна во која ќе ги ставите бадниковите гранчиња.
ЗЕЛНИК СО ПРАЗ
Прво го подготвуваме тестото.
Квасецот го ставаме во топла вода, го размешуваме убаво, го истураме во брашно, ставиме зејтин, сол, малку оцет и замесуваме тесто.
Тесто го ставаме настрана да постои малку.
Праз го сечеме ситно и го пржиме со зејтин.
Тестото го делиме на 7 дела.
Првата кора ја сукаме поголема, тепсија ја премачкуваме со зејтин, ја ставиме првата кора. Краевите ги оставаме надвор од тепсија. Кората ја попрскуваме со зејтин и со кисела вода.
Другите кори сукамае, попрскуваме со кисела вода и со зејтин и ги виткаме. Ги редиме на првата кора. Исто постапуваме со останатите кори.
Во средина оставаме место за праз и го истураме празот.
Со првата кора ги покриваме сите кори и ги виткаме убаво.
Ставаме во рерна да се пече.
ГРАВЧЕ ВО ТАВЧЕ
Потребно е:
500 г крупен грав
500 г кромид
зачин
црвен пипер
црн пипер во зрно
2 дл масло
сол
Начин на подготовка:
Измијте го гравот, турете вода и оставете го да кисне преку ноќта. Следниот ден ставете го да се вари во солена вода, но внимавајте да не се превари. На загреано масло пропржете го исечканиот кромид. Додајте зачин и црвен пипер. Во подмачкан сад за печење наредете ред грав, ред кромид и црн пипер се’ додека не го потрошите целиот материјал. Најгоре треба да биде редот со кромид. По потреба досолете. Протресете го садот и така изедначете ја смесата. Печете во загреана рерна 20 минути на силен оган. Потоа намалете ја температурата. Печениот грав се служи со салата од кисела или свежа зелка.
Посна сарма
Потребни состојки
1 главица кисела зелка
400 гр. ориз
4 страка праз
црн пипер
суво нане
црвен пипер
250 гр. масло
Подготовка
Одвојте ја зелката лист по лист на малечки парчиња. Исечете го ситнo празот и добрo испржете го на маслотo. Потоа дoдајте го црвениот пипер и оризот. Прoпржете го уште малку и тргнете го од оган, а потоа додајте го црниот пипер и дoста суво нане. Свиткајте сарми во големина на oрев. Налејте ги со малку расолница и вода и варете ги на тивок оган. Кoга ќе бидат скоро варени сармите, додајте уште еден филџан масло.
Витаминска салата од кисела зелка
Зависно од големината на зелката користиме пола или четвртина глава. Најдобро е кога ќе ги извадите листовите од зелката да ги поминете во една до две води. Убаво истегајте ги за да се исцеди секој вишок на течност. Исецкајте на парчиња по Ваша желба, не предолги и преголеми.
Исчистете го празот и исецкајте го на тркалца од околу 1 см.
Руколата може да се исецка и на поголеми парченца или да се искине со раце. Не ја ситнете премногу,па да се изгуби вкусот. Маслинките ставете ги цели, а доколку сакате и нив може да ги исецкате. Додадете ги овие состојки во садот со зелката.
Зачинете со оригано, ким и црн пипер, залејте со маслиново масло и се убаво измешајте.
Полнета охридска пастрмка
Потребни состојки:
Една пастрмка тешка еден килограм
250 грама кромид
Домати
Црн пипер, црвен пипер
Еден врзоп исечкан магдонос
Масло
2 лимона
Подготовка:
Пастрмката се мие убаво, се чисти од лушпите и целата се става на плоча или на скара да се испече. При печењето се прелева со масло за јадење. Кога е печена, се става на штица, се сече едната страна по должина од главата кон опашката и потоа рибата се отвора. Се вади ’рбетната коска и се чисти однатре. Потоа се посолува, се посипува со црн пипер, се прелева со сок од лимон и се полни со смеса од пржен компир со домати, црн пипер, црвен пипер, исечкан магдонос и сол.
Кога е наполнета, пастрмката се затвара и се доведува во првобитната положба. Се сервира во долгнавеста чинија, така што исечената страна да биде оздола.