Чоколадата е корисна и за мозокот
Едно ново истражување што беше објавено во списанието „Appetite“ покажува дека чоколадата позитивно влијае на когнитивите способности. Според истражувачите, ова е прва студија која ја испитува поврзаноста помеѓу долгорочното конзумирање на чоколада и функцијата на мозокот. Претходни истражувања веќе покажаа дека чоколадата го подобрува кардиоваскуларното здравје, но малку се знае за тоа како чоколадата влијае на когнитивните способности кај човекот.
Истражувачите ги користеле податоците од шесте циклуси на Мејн-Сиракуза лонгитудиналната студија, каде што биле испитувани навиките во исхраната на учесниците кои живееле во Сиракуза, Њујорк. Со серија тестови биле мерени и когнитивните способности на учесниците.
Кога била направена комбинација од навиките во исхраната со когнитивните тестови и индивидуалната проценка на физичкото здравје, истражувачите откриле дека конзумирањето на чоколада има позитивен ефект врз когнитивните способности, „без оглед на другите навики во исхраната“. Овие наоди биле потврдени дури и кога истражувачите ги вклопиле и ризик факторите за кардиоваскуларни болести на учесниците, како високо ниво на холестерол, гликоза и висок крвен притисок.
Иако чоколадите не биле диференцирани според типот: дали се работи за млечна чоколада, црна или бела чоколада, најголемиот број на истражувања поврзани со чоколадите предност и даваат на црната чоколада, заради високото ниво на флаваноли што го содржи.
Флаванолите претставуваат подгрупа на флавоноидите, кои вообичаено ги има во какаото. Високо ниво на флаваноли има и во чајот, црвеното вино и овошјето, како јаболкото и грозјето. Во млечната чоколада има од 7 до 15 проценти какао, додека црната чоколада содржи од 30 до 70 проценти какао – истакнуваат истражувачите. Со други зборови, сто грама црна чоколада содржи приближно 100 милиграми флаваноли, додека исто количество млечна чоколада содржи околу 15 милиграми.
Иако во овој случај истражувачите не можат со сигурност да кажат кој тип на чоколада ги подобрува когнитивните спосоности, тие шпекулираат дека белата чоколада би можела да се исклучи, бидејќи според податоците од 2012 година за потрошувачката на чоколада во САД, најзастапена била млечната чоколада – 57%, црната чоколада 35%, а најмалку белата чоколада со 8%. Треба да се напомене дека истражувачите мереле колку пати учесниците јаделе чоколада, а не и во колкаво количество. Засега не е познато ни кое количество на чоколада најмногу придонесува за подобрување на функциите на мозокот.
„Евидентно е дека хранливите материи во храната имаат различно влијание врз мозокот. Тоа овозможува со измени во начинот на исхрана да се постигнат најдобри резултати во одржувањето на невропсихолошкото здравје, што може да биде особено корисно, со оглед на малиот број третмани за деменција. Овие наоди одат во прилог на неодамнешните клинички истражувања кои укажуваат дека редовното конзумирање на флаванолите од какаото можат да имаат позитивен ефект врз когнитивните функции и можат да штитат од опаѓање на овие функции што се поврзани со стареењето“- истакнуваат истражувачите.
Извор: Наука.мк