Новинарите незадоволни од разговорот со претседателот на Кривичниот суд!
Судот нема ингеренции да ја укине мерката притвор за новинарот која ја одредил истражниот судија. Неговиот адвокат може да ги употреби правните лекови како што е поднесување на жалба. Мерката притвор се одредува во случаи кога постои можност за бегство и можност обвинетиот, во случајот новинарот Кежаровски, да влијае врз сведоците во предметот. Ова им го соопштил на денешниот разговор претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски на новинарите од Иницијативниот одбор за случајот со притворањето на Томислав Кежаровски.
Новинарите не го прифатија образложението на Панчевски. Тие го прашале претседателот на судот зошто не е досудена, на пример, мерка домашен притвор, на што Панчевски одговорил дека тоа била работа на судијата.
Денеска Сојузот на новинари на Србија и Црна Гора (СНСЦГ) реагираше на апсењето на новинарот од Македонија, Томислав Кежаровски И тие бараат негово ослободување.
Колегите на Кежаровски сметаат дека вистинската причина за неговото апсење е всушност притисокот да го открие изворот кој му рекол на Кежаровски дека се подготвува лажен сведок приморан од полицијата.
Спротивно на тоа, откривањето на новинарскиот извор е спротивно на новинарската етика и претставува грубо кршење на новинарскиот кодекс.
Томислав Кежаровски, новинар на „Нова Македонија“ беше уапсен пред седум дена и е на отслужување мерка притвор од 30 дена.