СП во Шпанија – Германската селекција прејака за македонската !
Не се исполни намерата на македонската ракометна репрезентација да стигне до четвртфиналето.
Нашите ракометари на натпреварот со Германија одиграа потпросечно. Натпреварот го загубија со резултат 28:23.
Уште на самиот старт се соочија со огромни проблеми. Повеќе од седум минути не успеавме да го најдеме патот до мрежата на противникот, а квалитетна селекција како Германија знаеше како да го искористи тоа за да стигне до експресна предност од 4-0.
Македонската селекција делуваше надвор од својот препознатлив ритам. Германскиот тим рутински ја контролираше својата предност меѓу четири и шест гола разлика. Во финишот од првиот дел намаливме на 12-9, имавме и напад што не го искористивме, по што противникот реализираше и на одмор замина со позитива од четири гола (13-9).
Во првите 30.минути не функционираше играта преку пикер, а противничкиот голман буквално го сопре нашето лево крило Дејан Манасков бранејќи му ги сите три обиди за постигнување гол. Овие два елемента од нападот, заедно со техничките грешки се главната причина Македонија да биде спуштена на само 9 голови во првото полувреме.
Не се реализира ниту желбата и надежта нешто да се промени во второто полувреме во наша корист.
Македонија ќе го заврши ова Светско Првенство со скор од две победи, едно реми и три порази, со пласман меѓу деветтото и шеснаесеттото место. „Црвено-жолтите“ настојуваа да ја избегнат Франција, но на денешниот дуел се докажа дека и подмладениот состав на Германија сепак е пресилен ривал за избраниците на Шундовски. Време за анализи и коментари ќе има, но она што е најважно во моментов – Македонија е елиминирана во осминафиналето од СП 2013.