Мобилно новинарство: Приказна за златната „Монографија на ОУРЦ Маца Овчарова, Велес“
Маца Ѓорѓиева Овчарова е велешанка, партизанка,македонска хероина, чиј млад живот е вграден во слободарските темели на Македонија. За неа до пред две години немаше многу податоци. Први ги обезбедија вработените во училиштето ОУРЦ„Маца Овчарова“. Тоа го носи нејзиното име во Велес. Вработените истражуваа по историските, податоците кои се однесуваат на ликот и делото на патронот и го посетија училиштето во село Сливник. Во село `Рлевци трагично загина 21 годишната партизанка. Информациите од истражувањето прво ги објавија на Википедија потоа одлучија да издадат Монографија. Целта е да остават траен белег за жената чие име пет децении го носи нивното училиште.
„Работејќи дојдовме до констатација дека треба да имаме и еден запис, едно дело, во коешто ќе ги објавиме и првите чекори на создавањето на училиштето. Среќа имаме колеги кои се современици на почетоците, кои учествувале во создавањето на училиштето, разговаравме и колешката Соња Гаврилова започна со пишувањето на ова многу значајно дело за нас ,“рече директорката Петрушевска.
Монографијата ја подготви Уреднички одбор составен од м-р Мирјана Петрушевска, Тања Попова, Марија Давчевска, Васил Гаврилов, Нада Алексоска и Дејан Филиповски. Уредник е училишниот психолог Соња Гаврилова.
„Ако успееш да влезеш во лавиринтот на детскиот свет, враќање нема. Остануваш со нив, до нив и покрај нив професионално, одговорно, посветено. Со хумана поддршка за подобрување на квалитетот на образование, воспитание и рехабилитација на нашите ученици, со попреченост. Ова е всушност и основниот мотив на сите колеги дефектолози,стручни соработници, психолог, дефектолог, логопеди, негуватели, во трасирањето на патот кон зрелоста и професионалната определба за иднина на нашите ученици,“ рече Гаврилова.
Во монографијата „50 години раст и развој низ лавиринтот на детскиот свет“ се собрани информации од почетоците на работата на училиштето, кое е семејство и топол училишен дом за дечиња со посебни образовни потреби. Училиштето го основале тим на велешки ентузијасти во 1973 година. Тоа се велешките дефектолози Мира Величкова, Ангел Љутков,Борис Митев, Љиљана Дукова, Марија Панова, Радица Ѓорчева, Пандорка Јовановиќ, Наташа Роман и социјалниот работник Љуба Аргирова. Тие им дале можност на децата во училиштето да се образуваат, да се воспитуваат и да бидат првенци во бројни спортски и културни натпревари.
„Собранието на тогашниот град Титов Велес одлучи училиштето да се изгради на локација која е дел од тогашното основно училиште „Благој Ќирков“. Средствата потребни за градење не се средства од градот туку се донација на Министерство за образование, дел од тогашниот Сојуз на дефектолози и самото училиште зема кредит. Така се гради нашето училиште коешто постои 50 години. Значи само се зема воздушниот простор на ООУ„Благој Ќирков,“додаде Петрушевска.
„На почетокот училиштето ги опфаќаше учениците од градот но набрзо ја прошири дејноста за оваа популација на ученици. Во изминатите години и до сега ги опфаќа учениците со попреченост од основните училишта на Повардарски регион. Денеска сме горди што во нашето училиште 50 генерации на ученици го завршија своето образование меѓу кои и екстерните ученици од Повардарски регион,“додаде Гаврилова.
Монографијата содржи интересни податоци за работата со децата со посебни потребни во изминатиот половина век кога од специјално училиштето се трансформира во посебно а потоа и во Основно училиште со ресурсен центар.
„Сакам да го истакнам фактот на постигнатиот успех на децата со посебни потреби на повеќе полиња спортски натпревари,образование, воспитание. За дел од нив опишавме како се вработени во голем број на заштитни работилници за што е заслужен кадарот во училиштето. И по завршување на образованието тој се грижи да ги вработи и заштити во заштитните работилници во Велес чии број е голем,“додаде Петрушевска.
Ова е втора училишна монографија во Велес. Претходно монографија подготви велешката или првата гимназија во државата, СОУ „Гимназија Кочо Рацин“.
Убавка Јаневска
Стефани Манева