Давчевска: Како да разликуваме тантрум од предизвикувачко однесување?

Во последните години, зборот тантрум сè почесто го слушаме во разговори меѓу родители, воспитувачи и наставници. Обично се изговара со воздишка или со доза на вина: „Пак имаше тантрум во продавница“, „Се фрли на под во градинка“, „Не можам да го смирам“. Од друга страна, често слушаме и за предизвикувачко однесување кога детето намерно протестира или покажува отпор. Но во реалноста, овие две појави не се исто нешто. Иако понекогаш изгледаат слично, од стручен аспект тие се два различни феномени кои бараат сосема различен пристап и разбирање. Разликувањето меѓу нив е клучно за тоа како реагира возрасниот и што детето ќе научи од секоја ситуација.
Тантрумот е емоционален испад, ненадеен, интензивен израз на фрустрација, разочарување, страв или преоптовареност. Детето не може да ја контролира реакцијата, неговиот нервен систем е во состојба на аларм, а мозокот е во емоционален хаос. Кај помалите деца, но и кај деца со развојни потешкотии, тантрумот е дел од учењето на саморегулацијата. Тантрумот може да се појави кога: детето е гладно, уморно, преоптоварено од сензорни стимули, му е нарушена рутината, не може да ја изрази својата потреба со зборови, доживува страв, вознемиреност или преголеми очекувања. Во тие моменти, детето не сака да контролира туку губи контрола. Во детскиот развој, особено во предучилишната возраст, тантрумите се нормален дел од процесот на учење на саморегулација. Детето учи што се емоции, како да ги препознае и како да се смири. Но кај некои деца, особено кај оние со развојни потешкотии, интелектуална попреченост или нарушувања од аутистичниот спектар, тантрумите се поинтензивни и почести не затоа што детето е разгалено, туку затоа што неговиот нервен систем полесно се преоптоварува.
Предизвикувачкото однесување, пак, има друга природа. Тоа не е резултат на губење контрола, туку тестирање на граници, реакција на некоја порака од средината или барање внимание. Детето знае што прави, но не секогаш е свесно зошто го прави тоа. Ова однесување може да вклучува намерно игнорирање на инструкции, провоцирање, отпор или инсистирање на свое. Предизвикувачкото однесување, за разлика од тантрумот е свесен облик на реакција. Детето има контрола над своите постапки, но преку однесувањето се обидува да постигне нешто: внимание, избегнување на задача, контрола над ситуацијата или тестирање на границите. Важно е да се напомене дека предизвикувачкото однесување не значи лошо дете, туку дете кое преку однесувањето се обидува да постигне внимание, контрола, предвидливост, чувство на сигурност, додека пак кај деца со интелектуална попреченост, ваквото однесување често е начин на комуникација. Кога вербалните способности се ограничени, телото и реакциите го „зборуваат“ она што детето не може да го каже.
Тантрум наспроти предизвикувачко однесување
Наједноставно кажано тантрумот се случува кога детето не може, а предизвикувачкото однесување кога детето избира. Еден од најважните знаци е свесноста и контролата. Кај тантрумот, детето не може да се смири само, не реагира на логика, а по завршувањето често изгледа изморено, вознемирено или дури тажно. Кај предизвикувачкото однесување, детето внимателно ја набљудува реакцијата на возрасните, го прекинува однесувањето ако добие посакувано внимание или кога ќе сфати дека нема ефект. Тантрум е како дел од предизвикувачкото однесување. Тантрумот може да биде една случка на предизвикувачко однесување. Тоа значи дека тантрумот е форма, еден сегмент во рамките на попоголем образец на однесување кое е предизвикувачко. Знаењето да се направи оваа разлика им овозможува на родителите и стручните лица да реагираат соодветно со смирување и поддршка кај тантрумот, а со јасни граници и конзистентност кај предизвикувачкото однесување.
Практични насоки за справување
Кога детето има тантрум, емпатијата е лекот. Наместо казна, потребна е близина. Возрасниот може да седне до детето, да го држи за рака, да му каже те разбирам и да почека емоцијата да помине. Дури потоа може да се разговара. Кога однесувањето е предизвикувачко, структурата и предвидливоста се најважни. Детето треба да знае што следи, кои се правилата, и што се случува ако не се почитуваат. Визуелните правила и јасните рутини даваат чувство на безбедност и ја намалуваат потребата од провокација. Најважно од сè е возрасниот да не го сфаќа однесувањето лично. Ниту тантрумот, ниту провокацијата не се насочени против родителот или наставникот, тие се израз на внатрешен конфликт, незрела саморегулација или неисполнета потреба. Тантрумот и предизвикувачкото однесување не се непријатели кои треба да се победат, туку сигнали што треба да се прочитаат и разберат. Секоја бурна реакција, секој отпор, секое „не сакам“ крие нешто подлабоко: страв, потреба за контрола, желба за внимание или едноставно немоќ да се справи со светот. Како професионалец, секогаш велам: тантрумот не е битка која треба да се добие, туку порака која треба да се разбере. Родителот не треба да го смирува детето со заплашување, ниту со целосно попуштање, туку со смирено присуство. Да се спушти до нивото на детето, да го допре, да зборува тивко и да му даде чувство на сигурност. Дури кога ќе помине кризата, можеме да зборуваме за тоа што се случило и како следниот пат да реагира поинаку. На крајот, би сакала да им порачам на сите родители: јавниот тантрум не е ваш пораз, ниту срам. Не се плашете од туѓите погледи тие траат неколку секунди, но вашиот начин на реагирање остава трага во животот на вашето дете. Обидете се да бидете емпатични, трпеливи и присутни. Само така, тантрумот ќе стане можност за учење, а предизвикувачкото однесување начин на детето кое расте, се бори и учи како да биде дел од светот кој го опкружува.
Марија Давчевска
Специјален едукатор и рехабилитатор/ наставник ментор/ реедукатор на психомоторика
