Велес, по 15 пат, домакин на Меѓународниот Фолклорен фестивал
Фестивалот ќе започне во среда, на 4 јули со дефиле од пред Средношколскиот дом„Лазар Лазаревски“ низ централните градски улици до амфитеатарот на Младински парк. Дефилето ќе го предводат мажуретки од Скопје и од Велес. Во поворката ќе учествуваат учесниците на ансамблите, културно уметничките друштва, оркестрите, пејачките групи и вокалните интерпретатори на годинешното фестивалско издание. Сите тие заедно ќе тргнат од пред ученичкиот дом во 19 часот и во Младински парк ќе стигнат во 20.15 часот за кога е закажан почетокот поточно свеченото отворање на јубилејниот МФФ „Велес 2018“.
– Велешани и сите љубители на фолклорот од Македонија ќе имаат можност да ги проследат настапите на вкупно 18 учесници на фестивалот од кои шест ансамбли од странство и 10 од Република Македонија. Овојпат од странство доаѓаат ансамбл од Мексико, од Естонија, две културно уметнички друштва од Србија, од Словачка и од Црна Гора. Од Македонија ќе настапат Грдскиот дувачки оркестар од Штип, фолклорното студио „Етнос “ „Фолклор“ и „Јенијол“ од Скопје, „Александар Турунџев“ од Битола, „Мирка Гинева“ од Демир Капија како и домаќините „Керамичар“, „Коле Неделковски“,„Вила Зора“, „Велешки чалгии“, „Распеани Велешани“ и „Распеани пензионери“,рече Претседателот на Организациониот Одбор на фестивалот -Томе Јаневски.
Фестивалот ќе трае до 7 јули. Три од вкупно четирите фестивалски вечери, што традиционално се одржуваат во Амфитеатарот на Младински парк, се со почеток во 20.30 часот. Само последната вечер кога се доделуваат наградите и признанијата по што фестивалот се затвора ќе почне во 20 часот. Во случај на лоши временски услови програмата ќе се одржува во спортската сала „Гемиџии“.
– Ги поканувам сограѓаните, како и секоја година, масовно да го поддржат фестивалот со своето присуство и да уживаат во програмата на сите четири фестивалски вечери. Се надевам дека и овој пат заедно ќе се покажеме како одлични домаќини на оваа реномирана меѓународна манифестација и ќе имаме јубилеј за паметење, додаде Јаневски.
Тој изрази задоволство што фестивалот годинава ќе слави петнаесетгодишен јубилеј преку кој Велес на светот му покажува дека прерасна во центар на светскиот фолклор и култура. Годинава ИФФ „Велес 2018“ е поддржан со 600.000 денари од Општина Велес и со 250.000 денари од Министерството за култура. /У.Ј