Претставата „Тоалет за дами“ на велешки театар лани најизведувана
Минатата година на репертоарот на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ се одиграа вкупно 159 претстави пред повеќе од 34.000 гледачи. Најизведувана претстава е „Тоалет за дами“ со вкупно 27 изведби.
Во текот на 2018 година Театарот „Јордан Х.К-Џинот“, Велес реализираше вкупно 8 премиерни изведби. На сцената на театарот премиерно беа прикажани претставите „Тоалет за дами“ од Родолфо Сантана во режија на Деан Дамјановски, „Кралските копилиња“ авторски проект на Сашо Димоски, „Заспаниот супер-херој“ – претстава за деца во адаптација и режија на Младен Крстевски, „Лисистрата“ од Аристофан во адаптација и режија на Хакоб Газанчјан (к.г. од Ерменија), „Елешник“ од Југослав Петровски во режија на Елеонора Теова, „Златната рипка“ – претстава за деца според „Рибарот и рипката“ од А.С.Пушкин во режија на Младен Крстевски, „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ во режија на Венцислав Ристов и „Снешка смешка и Тео текнувало го спасуваат Дедо Мраз“ – новогодишна претстава за деца во адаптација и режија на Ненад Витанов.
Освен за премиерните прикажувања публиката покажа интерес и за изведбите на претставите „Вдовицата се мажи“ според „Мечка“ на А.П.Чехов во адаптација и режија на Младен Крстевски, „Синиот портокал“ од Џо Пенхол во режија на Александар Ивановски, „Театар љубов моја“ од Валери Петров во режија на Деан Дамјановски, „Волшебникот од Оз“ од Л.Ф.Баум во драматизавција на Катерина Момева а во режија на Александар Ивановски и „Шумата на моето дрво“ од Сашо Димоски во режија на Александар Ивановски.
Велешки театар реализираше и дваесет успешни гостувања и фестивалски настапи во земјава и странство, на кои освои повеќе награди./У.Ј