Самостојна изложба на мр Владимир Темков во Дом на култура во Кавадарци кој одбележува јубилејна година
Во Галеријата при Домот на култура „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци ќе биде отворена самостојна изложба на академскиот ликовен уметник Владимир Темков од Кавадарци.
Изложбата, која содржи дела од неговото најново творештво, ќе означи два значајни јубилеи на авторот и тоа 40 години творештво и 60 години живот. Изложбата пред љубителите на ликовната уметност ќе ја претстави академик Блажо Боев.
Отворањето на изложбата е закажано за петок, 18 јануари 2019 година, со почеток од 19.40 часот.
Исто така, Домот на културата е во интензивна подготовка на одбележувањето на јубилејот 90 години од одигрувањето на првата официјална театарска претстава во Кавадарци.
Значајниот јубилеј ќе биде одбележан во претстојната година со бројни настани како што се: премиери и репризи на театарски претстави, изложби на автори – гости и други културни настани. Театарот при Домот на културата веќе ја подготвува театарската претстава „Од кол на кол“ по текст на Реј Куни и во режија на Диме Коцевски. Премиерното прикажување на претставата се очекува во втората половина на месец февруари.
Освен оваа, театарот годинава ќе подготви уште две премиери на претстави за граѓаните како и три премиери на претстави за деца. Започната е и подготовката на првата од нив.
Одбележувањето на јубилејот на Театарот во Кавадарци ќе започне кон крајот на овој месец со реприза на хит претставата “Пасивно пушење“./У.Ј