Писателот Андоновски и Амбсадорот Јазбец добитници на признанијата на 56-те „Рацинови средби“
За романот „Припитомување на кучката – раскази за лудилото“ во издание на „ТРИ“ годинешен добитник на Престижното Рациново признание за 2019 година е писателот Венко Андоновски. Вака одлучи , жири комисијата за доделување составена од д-р Мишел Павловски, проф д-р Агим Полоска и м-р Игор Крајчев.
Во име на тричленото жири, одлуката ја образложи Мишел Павловски, кој истакна дека на конкурсот пристигнале книги од 6 автори, а во тесната селекција влегле 3, од кои изборот паднал на збирката „ Припитомување на кучката- раскази за лудилото“, од Венко Андоновски.
-Збирката е ремек дело во современата македонска книжевност. Во неа има и топлина и пародија, истакна претседателот на жирито Мишел Павловски.
Заблагодарувајќи се за наградата, лауреатот Андоновски рече дека и пред 25 години го освоил Рациновото признание за проза, за книгата „ Фрески и гротески“. Но од тогаш до денес, времето е многу забрзано и ги брише моралните вредности.
– За мене Рациновото признание од секогаш било највисоко признание за проза во Република Македонија поради името на Коста Рацин. Името на Рацин е најголема чест што еден прозаист да го додаде до своето име и доколку сум успеал да се доближам до неговите книжевни идеали јас сум презадоволен и од ова место изјавувам дека сум презадоволен и пресрекен, рече лауреатот Андоновски.
Организацискиот одбор на меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“ во состав Аце Коцевски како претседател и членовите проф. д-р Људмил Спасов, проф. д-р Кристина Николовска, м-р Гоце Ристовски и м-р Божидар Јовиќ, одлучи почесното Рациново признание за афирмација и популаризација на македонската литература и култура, надвор од границите на Република Северна Македонија годинава да му биде доделено на Неговата екселенција, проф. д-р Милан Јазбец, поет, писател и Амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија.
На добитниците наградите ќе им бидат врачени на вториот ден од одржувањето на годинешното 56 издание на „ Рациновите средби, во петок на 7-ми јуни во Велес. Годинешните „Рацинови средби“ се во знакот на јубилејот – 80 години од печатењето и објавувањето на збирката „ Бели мугри“, на Кочо Рацин./У.Ј