Ученици од Велес на ликовна колонија „Езерски убавини“ во Струга
Десет талентирани ученици од петте редовни основни опшински училишта во Велес, на возраст од 13 до 15 години, заедно со 5 ученици со попреченост од ПОУ „Маца Овчарова“ се учесници на петдневната Ликовна колонија „Езерски убавини“ што од 13 до 18 јули се одржува во Детско одморалиште „Мајски цвет“во Струга.
Колонијата има инклузивен карактер. Учениците од редовните училишта се дружат со своите врсници со попреченост и заедно цртаат и сликаат со акрил, темпера и акварел на платно, инспирирани од убавините покрај езерото и реката Дрим. Нивните креативни изработки, слики, ќе бидат дел од продажна изложба што ќе се организра во месец октомври, година, во Велес.
– Продолжуваме да ја градиме инклузивната култура помеѓу младите во општина Велес, да ги разбиеме табуата за креативноста на децата и младите со попреченост, а во исто време кај нив да ја зголемиме самодовербата и сигурноста, со што ќе придонесеме да се почувствуваат корисни во нивното секојдневно опкружување, рече дефектологот Зага Колодезни.
Таа е автор на проектот “Ликовен инклузивен караван“ што го спроведува заедно со колегите од ПОУ „Маца Овчарова„ Живка Панова Саздова, Марија Давчевска и Весна Стојаноска Ивановска и ликовните педагози Елена Димова Пантелиќ и Драганчо Таневски.
Проектот предвидува одржување на уште две ликовни колонии за изработка на монотипии во планинарскиот дом „Папарадиште“ што ќе се одржи наредниот месец и во „Стоби“ каде ќе се изработуваат експонати од глина и гипс инспирирани од археолошкиот локалитет Стоби предвидена за почетокот на месец септември. Трите проектни активности имаат за цел подигнување и негување на инклузивната култура помеѓу децата и младите во Велес.
Проектот “Ликовен инклузивен караван“ е финансиран од Министерство за култура и е поддржан од градоначалникот на Велес, Аце Коцевски како и од ЗПЛТИ „ Мобилност“- Велес./У.Ј