Данов: За „Санката на Вардар“, фотографија од тематската изложба „Старите фотогрaфии на Велес “
Во Ликовниот салон во Велес повторно беше изложена тематската изложба „Старите фотогрaфии на Велес “, за мене една од најдобрите поставки на Народен музеј од Велес. Уживав во старите фотографии на Велес и првиот пат , а сега по втор пат имав можност полека, детал по детал, да ги разгледам.
Пред мене две девојки и едно момче, веројатно средношколци, ги коментираа фотографиите и малку подбивно забележуваа што се имало некогаш во Велес, како се` било старо, распаднато, урнисано…
И дојдоа до една од најстарите и најубавите црно-бели фотографии од Велес, направена во 1863 година од Јозеф Секељи (Josef Székely 1838-1901), австроунгарски фотограф во служба на Јохан Фон Хан, патеписецот на весникот „Национална географија“. Докторот по хемија, имал свое фотографско студио во центарот на Беч и тргнал во фотографска експедиција наречена „Eкспедицијата на Хан“, со цел да фотографира краишта на Балканот, дотогаш непознати за европската јавност. Прво ја посетил Босна, потоа Албанија и пристигнал и во Македонија.
Секељи запишал дека цел на нивната посета на Велес била да заминат оттука за Солун со помош на гемија! Тоа и го сториле, а од Солун експедицијата продолжила до брегот на Турција, се до местото за кое се верувало дека е откопана Троја, градот – држава каде се водела познатата Тројанска војна.
Но, додека тие престојувале во Велес, Секељи фотографирал неколку фотографии од градот, кои се дел од колекцијата на стари фотографии на светското културно наследство.
Две од нив , според Марк Коен од Американската академија за црно- бела фотографија, се вброени во 100-те најубави црно-бели фотографии на сите времиња.
Првата ја нарекол „Велешкиот мост преку Вардар“. Таа ги прикажува двете велешки џамиии од тој период, Белата (Кумсал) џамија и во позадина е Црната (Паша) џамија, како и дрвениот мост на Вардар.
Втората фотографија на Секељи е далеку од обична фотографија или панорама на Велес затоа што поседува особена уметничка вредност и е првата уметничка фотографија која е направена од Велес. Јас ја нареков „Санката на Вардар“, според приказната која нешто подоцна ја запишал Секељи.
Токму за ова фотографија вредеше на тројцата средношколци да им одржам час од историјата на Велес. Не знаев како ќе изреагираат, но за среќа тие многу внимателно ме ислушаа и дури ми се заблагодарија на кажувањето.
И јас сум им многу благодарен за тоа, ама веројано вредеше.
Приказната е стара и се надевам дека и многумина од читателите не ја знаат вистината за ова ретко добра уметничка фотографија, една од првите направени од стар Велес, во далечната 1863 година.
Ова го напишал Јозеф Секељи, фотографот, во весникот „ La Liberasion“ во 1865 г, објавувајќи ја фотографијата од Велес:
„Направив неколку фотографии од дрвениот мост. Во водата пред мене имаше преслап и нешто имаше ставено на преслапот. Се доближив по брегот и на преслапот видов нешто како дрвена санка, околу 3 метри долга и еден широка. Стоеше на камењата, а водата наоколу мирна.
Се чудев што е тоа. Откога ја направив фотографијата, застанав и чекав да видам што ке се случи понатаму. По дваесетина минути на спротивниот брег се појави запрежна кола со два коњи и четворица мажи кои се симнаа од неа. Еден ги отпрегна коњите и ги внесе во реката. Ги видов другите тројца како со кошари започнаа од реката да црпат песок и да ја ставаат на санката. Кога санката се наполни, ги спрегнаа коњите и заедно ја извадија санката на брегот. Потоа ја претурија песокта на колата и санката ја вратија назад.
Три пати се вратија и запрежната кола набрзу беше наполнета со песок .
Немав веќе фотографски плочи да го снимам ова. Бев изненаден од остроумноста на овие луѓе – ако ја внесеа колата со коњите во водата , таа ке пропаднеше во песокта под тежината на товарот и никогаш немаше да ја извадат на брегот.“
Благодариме за убавиот момент, драг наш Секељи! Навистина импресивно.
Особено импонира кога ќе слушнете вакви пофалби за нашите предци, нашите сограѓани , кои ја користеле својата природна надареност и интелигенција за да си го олеснат животот и работата. Постојаната борба со реката Вардар велешани ги натерала да ги измислат и санката, Малото мовче, гемиите и сите други доблести кои го красат стариот Велес.
Учете, паметете и раскажувајте,
Вашиот Љупчо Данов