Промоција на „Маалските прикаски 1+2“ на новинарот Синиша Станковиќ во Велес
Маалото „Карпош 3“ во Скопје, во кое израснал новинарот и публицист Синиша Станковиќ во неговата најнова книга „Маалски прикаски 1+2“ не е само географија. Авторот во ова и уште десеттината други скопски маала, додека раснел и живеел, ги открил и забележал најголемиот дел од личности кои оставиле свои обележја и го заслужиле местото на маалски херои. Дел од неговите вкупно 65 прикаски се посветени и на соседите, на другарите, на настаните за кои авторот Станковиќ вели дека се „белешки на случајниот минувач“, подготвени како мезе за муабет, во семејното бифе „Носталгија“ во Скопје.
-Тоа се ликови кои се исти во сите маала,сеедно дали е во велешко или скопско маало, и изумираат и во Велес и во Скопје затоа што начинот на живот го диктира темпото, отуѓеноста, немањето време ниту за првиот сосед, за вообичаениот поранешен поздрав „дал Бог добро“ или „добар ден“ на кои денеска се одговара „Кој Бог“ или „Дали тебе ти е добар денот“. Се отуѓивме и се обесчовечивме, па затоа оваа книга не е толку жал за младоста туку желба да се вратат вредностите и критериумите кои некогаш постоеја. Еснафот, комшилукот, семејството. Ме израдува тоа што сите присутни, а ги имаше најмалку од четири генерации, исто реагираа додека актерите и јас ги читавме прикаските објавени во книгата. Затоа верувам дека пораката е испратена, а јас ја испратив за да си најдам спотер или некоја мантинела од која ќе се одбијат моите позитивни чувства и ќе ми се вратат назад, рече Станковиќ.
Во книгата се објавени и дваесеттина фотографии на тема „Маалски прикаски“, на познатите македонски фоторепортери: Ѓорѓи Личовски, Огнен Теофиловски, Роберт Атанасовски, Томислав Георгиев, Борис Грдановски, Наке Батев, Маја Златевска, Андреј Гиновски и Радован Вујовиќ.
Дел од прикаските, вкупно 30, Станковиќ ги објави во 2007 година. Во годинешното издание „Маалски прикаски 1+2“ се реобјавени заедно со ново напишани 35 прикаски. Книгата ја издаде „Или – или“ од Скопје во тираж од 500 примероци. Таа е седма книга на Синиша Станковиќ, автор и на „Тренирани сништа“ во 1987, „Чашкомет“ во 1997 и во 2000, „Земја на искривени огледала“ во 1988, „Балкански дневник“ во 2001 и „Лица и опачини“ во 2005 година.
Промоцијата во Велес на „Маалски прикаски 1+2“ се одржа во Ликовен салон. Прикаските на Станковиќ ги читаа Јордан Витанов и Жарко Спасовски, актери на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ а присутните уживаа и во македонските евергрини изведени од интерпретаторките Мери Спирова и Катерина Николова придружувани на гитара од Андреј Ковиловски и на клавир Љупче Зафиров, сите ученици на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“.
Синишта Станковиќ последните две децении е дописник на Гласот на Америка на македонски јазик./У.Ј