Александар Ивановски: „За тоа што се потрошила пред време обезбедената количина на нафта причина е што во велешки театар се работело“
Во зградата на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ се одржуваат проби на две претстави во подготовка но поради непотпишаната Одлука за избраниот најповолен добавувач на нафта за затоплување на зградата, во изминатите 10 дена, беше запрен редовниот репертоар. Ова го тврдеа денеска дел од актерите како објаснување за предвреме потрошената количина на нафта, споредено со претходните години.
– Пребројте ги бројот на подготвени премиери и бројот на одиграни репризи, како и бројот на дополнителни настани во градот на кои токму велешки театар им ги отворил ширум вратите и донесете заклучок, рекоа овие актери.
Во официјалниот став на в.д директорот Александар Ивановски, на кого вчера, среда 4 декември, му започна третиот мандат во НУ Центар за култура „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ тој вели дека станува збор за јавна годишна тендерска постапка во која единственото доцнење во процедурата е што кога е избран најповолниот понудувач не бил избран и првиот човек на оваа културна институција.
-Театар „Џинот“ или НУ Центар за култура „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ Велес се снабдува со енергенс за греење на годишно ниво, со тендерска постапка. Кога завршува тендерот за постојната се распишува нов за наредната година, со средства што се обезбедени од Министерство за култура. Годинава кога заврши мојот мандат од шест месеци како в.д директор завршија и сите процедури во постапката за започнување на нов тендер за набавка на нафта дури и електронското наддавање по што комисија избра најдобар понудувач. Во меѓувреме заврши мојот мандат во времетраење од шест месеци и немаше стигнато никакво решение од министерството дали мене ми е продолжен мандатот или е именуван друг колега од вработените како в.д директор. Значи единственото доцнење е поради момент кога треба да се потпише одлуката за завршување на тендерот што нема кој да ја потпише, бидејќи театарот немаше овластено лице, рече Ивановски.
Тој се чуди зошто од редовна процедура и постапка за набавка на огрев е направен скандал.
– Во првиот момент кога пристигна Одлуката на министерството за моето именување со нов мандат за в.д директор јас ја потпишав Одлуката за избор на најповолен понудувач на нафта. И целата процедура си продолжи по својот тек. Од вчера тече рокот за жалби . Ако нема жалби очекуваме во најкус можен рок согласно процедурите да се набави потребната количина и да продолжи работата на институцијата со прикажување на претстави поточно репризи кои се дел од редовнот репертоар. За тоа што се потрошила пред време обезбедената количина на нафта причина е што се работело. Искрено малку ми е чудно тоа што се тврди дека сме ја потрошиле нафтата и од тоа се прави скандал. Инаку, пробите течат и продолживме со подготовката на двете престави. Единствено го запревме репертоарот поради публиката, поточно условите во кои требаше да ги следи претставите ,додаде Ивановски.
В.д директорот на велешки театар Александар Ивановски изјавата ја даде по телефон од градот Сату Маре во Романија каде во „Театарот на северот“ ја режира претставата „Како што сакате“ на текст на Вилјам Шекспир. Тој таму отпатувал на четиринаесет дена. Се враќа во вторник, на 10 декември, наредната недела.
Инаку, ова не е прв пат новата театарска зграда во Велес да снема греење. Прв пат се случи во зимата 2015 година, кога во месец февруари снема огрев, не се грееше за потоа да се штеди за да се подготви претстава но и да се игра на сцена, пред публика./У.Ј