„Детето со променет идентитет“ прв роман на велешанката Родна Јанчева
„Детето со променет идентитет“ е насловот на првиот роман на велешанката Родна Јанчева . Романот е напишан според вистинска приказна и во него се опишува судбината на една млада студентка која поради разни околности го дава своето првородено машко дете на посвојување кај семејство без деца. Но патиштата во животот имсе преплетуваат и по дваесет години мајката и синот се среќаваат.
„ Овој роман се чита во еден здив затоа што има актуелна содржина и почнува некаде во далечната 1973 година, завршува во поново време. Но во овој период се случува една психолошка драма на личности кои се актуелни по својата содржина и денес како човечки судбини испреплетени во кои што грешката во љубовта во младоста на една млада студентка завршува со отфрлање на нејзиното првородено машко дете и посвојување во семејство кое нема деца. Сепак најдобро е читателот да го прочита и да ги доживее чувствата и емоциите што ги буди самиот роман“, рече промоторот Соња Гаврилова.
Родна Јанчева е поранешен раководител на Центарот за социјални работи. Во нејзиниот работен век се сретнала со многу вакви и слични социјални теми, па токму затоа се одлучила да ги стави на лист хартија и да и ги пренесе на читателската јавност.
„Во романот станува збор за посвоено дете на кое му е сменет идентитетот. Пораката што сакам да ја пренесам до читателите преку романот е да не се менува идентитетот на децата кои се посвоени и да им се каже дека се посвоени, да не ги држиме во заблуда, и тоа да им се каже од најмала возраст“, рече Јанчева.
Уште неколку творби и уште еден роман на Родна Јанчева чекаат на ред во издавачките куќи. Читателската публика се надева дека уште многу други пишани дела на јанчева ќе ја збогатат ризницата на македонската литература./Д.С