Промоција на “Македонска Рок енциклопедија“ од авторот Тошо Филиповски во Кавадарци
Во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци ќе се одржи промоција на првата “Македонска Рок енциклопедија“ од авторот Тошо Филиповски.
Промоцијата е извонредна прилика рокерите, музичарите и љубителите на македонската рок музика од Кавадарци и Тиквешијата, од прва рака да се запознаат со ова оригинално енциклопедиско издание што е резултат на долгогодишната работа на авторот.
Кавадаречките љубители на рок музиката особено ќе бидат заинтересирани за кавадаречкиот дел од рок енциклопедијата застапен во доволна мера и на радост на музичарите.
Содржински промоцијата на првата “Македонска Рок енциклопедија“, освен приказните на Тошо Филиповски, ќе донесе меѓу другото и мал осврт на познавачите на кавадаречките рок прилики, потоа специјално подготвена свирка на двајца извонредни рок гитаристи Ристе Димитров (Smoke Shakers/Bad-Ass-All) и Виктор Кимов (Leksikon), како и документарец за македонската рок музика од шеесетите и седумдесетите години од минатиот век, на авторот Аљпша Симјановски.
Авторот на првата “Македонска Рок енциклопедија“ Тошо Филиповски ќе се задржи во разговор со присутната публика и секако во потпишување на примероците на енциклопедијата.
Тошо Филиповски е долгогодишен музички новинар и водител на култни музички програми, со особен осврт на македонската рок музика. Организатор на рок концерти и фестивали и редок и извонреден хроничар на македонската рок музика.
Промоцијата ќе се одржи во петок на 29 јуни со почеток во 20 часот./У.Ј