Праизведба на „Исмена“ од Катерина Момева во велешки театар
19.11.2020
На сцената „Петре Прличко“ во Народниот театар „ЈХК Џинот“, Велес, со почитување на здравствените протоколи, ќе биде праизведена монодрамата „Исмена“ од Катерина Момева, во режија на Елеонора Теова.
Монодрамата ја изведува актерката Моника Ставревска, а изведбата на музиката во живо е на Сашко Костов. Дизајнот на плакатот и промотивниот материјал е на Филип Коруновски.
Авторите на претставата подвлекуваат дека станува збор за артикулација на прашањата за потеклото и немоќта да се избега од сопствениот корен, за потребата да се одговорат егзистенцијални прашања преку соочување со минатото и непознатото во него – кое има лик на стапица за заробување на душата.
Монодрамата ќе биде прикажана во сабота на 21 ноември со почеток во 19:00 часот.
Убавка Јаневска