(Фото и видео) Млади велешки музички таленти: Хармоникашот Александар Пановски
19.01.2021
Велес отсекогаш бил извор на таленти, независно за која уметност станува збор сликарство, музика, театар итн. Велешани посебно ги ценеле музичките таленти, кои го задолжиле Велес со својата дарба и музичките способности и квалитети.
Ако се навратиме во времето на Тончовата чалгија која го поставила Велес на картата на градови со најдобра чалгија, во времето на Отоманската империја, па се до композиторите и музичките дејци како Живко Фирфов, Стефан Гајдов, Иван Николов Танго, Кочо Чаушот, Ало Тончов, ќе видиме континуитет на музички дејци, кои го задолжиле Велес. Од помладите музички таленти, кои за жал се наоѓаат во странство, се истакнуваат пијанистот Петре Штерјов и виртуозот на кларинет Благој Ламјов.
Но, Велес постојано раѓа млади, нови музички таленти и идни виртуози. Еден од нив е Александар Пановски.
Иако има само 14 години и е ученик во IX одделение во ООУ,, Блаже Конески“, ова момче со нескриен талент, станува препознатлив инструменталист на хармоника.
Пановски започнува да го развива својот талент во школата на Панче Тевчев, за да биде препознаен како вонсериски талент и преминува кај Војче Петрушев, младиот велешанец кој е дел од оркестарот на Милан Зафков и Националниот ансамбл ,,Танец“ во Скопје. Петрушев има и сопствена школа за хармоника од која излегуваат многу квалитетни инструменталисти. Затоа, Александар брзо напредува и се стекнува со потребната рутина и самодоверба.
-За време на карантинот, кога сите мои врсници играа игри или гледаа телевизија, јас свирев по 6 до 8 часа дневно хармоника. Тоа ми помогна да напредувам и со помош на мојот ментор Петрушев да достигнам повисок степен на музичка зрелост. Благодарение нему јас го иссонував ,,Александровиот сон“, оро кое Петрушев го напиша и аранжира за мене. Во струдиото ,,ХЛ Момировски“ на Дејан Момировски е снимен „Александровиот сон“ од страна на дуетот Војче Петрушев и Александар Пановски. Снимен е и спот на три локации, а посебно му се заблагодарувам на мојот директор Јованче Манасков од ООУ,, Блаже Конески“ за тоа што дозволи и помогна дел од спотот да се сними и во моето матично училиште. Снимател на спотот беше Алек Тасевски“, рече Пановски.
Александар со менторот Војче Петрушев
Ентузијазамот, жарот и знаењето на ова младо момче од Велес оставаат голем впечаток. Зад него застанаа познати и признати имиња од музичката фела.Особено е задоволен веленајсторот на хармоника Милан Зафков кој за него само кратко рече:
„Вонсериски талент, само да продолжи со работа“.
Александар Пановски потекнува од семејство на играорци. И тој веќе пет години игра во КУД ,,Керамичар“. Неговиот татко Трајче Пановски дваесет години беше играорец во истото културно уметничко друштво додека неговиот помлад брат Димитар, е ученик на Основното музичкото училиште ,,Киро Димов“ во Велес.
Александар има Јутјуб канал https://youtu.be/biPG3T-3o6E
Се надевам дека ова момче ќе го удостои Велес со својата промоција на орото и спотот, за што ќе ја добие поддршката на велешани.
Сепак, нешто се движи во културата на Велес и во овој период на вируси и пандемија. Потребно е да се поттикнуваат и подржуваат талентираните млади луѓе како Александар, кои несомнено ќе станат дел од нашата велешка и македонска култура.
Љупчо Данов