Единаесет театарски претстави на репертоарот на велешки театар до крајот на декември

Објавено на 5 декември, 2023 во 10:30

Велешкиот театар „Ј.Х.К Џинот“ за месец декември понуди 11 театарски претстави коишто публиката до крајот на месецот ќе има можност да ги погледне. Утре, на 6 декември, велешани ќе имаат можност да ја гледаат претставата „Мисирков, отпосле…“ којашто е перформанс во режија на Дејан Пројковски со почеток во 20:00 часот на големата сцена во театарот, два часа претходно, поточно во 18:00 часот на малата сцена ќе има трибина „Мисирков, отпосле..“ со проф. д-р Веселинка Лабровска.

На 7-ми декември, во четврток, со почеток во 20:00 часот на големата сцена „Петре Прличко“ ќе биде одиграна претставата „Нема струја за електричниот стол“.

На 9-ти декември, во сабота, публиката ќе има можност да ја проследи претставата „Сара“ со почеток во 20:00 часот на малата сцена.

Вторник, на 12-ти декември, е резервиран за претставата „Слуга на двајца господари“ со почеток во 20:00 часот на големата сцена, а два дена подоцна, на 14 декември, четврток, во истото време и на истото место ќе биде одиграна претставата „Четири соби“.

На 15-ти декември, петок, на малата сцена во 20:00 часот ќе гостува театар „Златен Елец“ со претставата „Добри луѓе“.

На големата сцена во велешкиот театар со почеток во 20:00 часот, на 20 декември, среда, ќе биде одиграна претставата „Едвард втори“, следниот ден, 21 декември, четврток,  во исто време но на малата сцена ќе биде одиграна претставата „Драма изгубена во времето“.

Претпоследниот викенд од месец декември е резервиран за две претстави, поточно на 22 декември, петок, на малата сцена во 20:00 часот ќе биде одиграна претставата „Татко“, додека следниот ден, на 23 декември, сабота во истото време на големата сцена ќе биде одиграна „Лепа Ангелина“.

Последната претстава за месец декември, „Песјо срце“ ќе биде одиграна од страна на гостите од театар „Вортекс“ на 28 декември, четврток, со почеток во 20:00 часот на мала сцена.

Театарот „Ј.Х.К Џинот“ го задржува правото за промена на репертоарот.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.