(фото) Велешките игроорци на „Керамичар“ настапија на детската фолклорна манифестација во Негорци

Триесет и тројца млади игроорци од Ансамблот „Керамичар“ беа дел од детската фолклорна манифестација „На сред село“ што се одржа викендов во Негорци. Со своите настапи и кореографиите „Сред село“ и „Прилепски игри“, тие ја воодушевија публиката и добија заслужен, долготраен аплауз. Нивната посветеност и љубов кон македонската традиција беа препознаени од сите присутни, со што достоинствено го претставија својот ансамбл и својот град.

Манифестацијата се одржа на летната сцена во дворот на ООУ „Ристо Шуклев“ – Негорци, како дел од програмата „Гевгелија – град на културата за 2025 година“. Настанот понуди богата фолклорна содржина, каде детските чекори ја оживеаја традицијата, а песната и орото создадоа мост меѓу генерациите.

Посебен момент беше дефилето на сите учесници кое заврши со големо оро во центарот на Негорци – оро на пријателство и заедништво.

На манифестацијата учествуваа преку 300 деца од 13 ансамбли и културно-уметнички друштва од различни краеви на Македонија. Покрај домаќините од КУД „Негорци“, учество зедоа и фолклорната секција „Богородица“, КУД „Младост“ од Јосифово, КУД „Кирил и Методиј“ од Иловица, КУД „Бранд Петрушев“ од Богданци, КУД „Бахар“ од Чалакли – Валандово, КУД „Браќа Толеви“ од Прдејци, Фолклорното студио „Етнос“ од Скопје, ансамблот „Китка“ од Истибања, ансамблот „Тиквеш“ од Кавадарци, „Осоговски извор“ од Оризари и КУД „Глигор Прличев“ од Скопје.

Младите од „Керамичар“ уште еднаш потврдија дека фолклорот живее преку нивните чекори и дека традицијата продолжува да се негува со гордост и љубов.
Стефани Манева
фото:



