(Фото) Втора вечер на ИФФ „Велес 2024“: Фолклористи,оркестри и вокални интерпретатори на додека пред сцена разиграна млада публика
Пееја, играа и танцуваа фолклористите на културно уметничките друштва и ансамблите од земјите учеснички на XIX Интернационален фолклорен фестивал „Велес 2024“ и на втората вечер во Амфитеатар на Младински парк. Многубројната публика ги наградува со громогласни аплаузи настапите во кои на годинешното издание на манифестацијата има и бројни солистички интерпретации.
Вчера вечер освен повторно извонредно испеаните песни од страна на вокалните интерпретаторки на украинскиот Фолклорен ансамл „Јагитка“ не помалку квалитетни беа изведбите и на фолклористите на црногорското КУД „Рожаја“ или на ФА „Миорита“ од Романија.
И домаќините на составот „Распеани велешани“ со интерпретациите на убавите велешки староградски песни ги заслужија аплаузите на публиката додека највпечатлив сепак беше настапот на Оркестар на традициски инструменти при ОМУ„Стефан Гајдов“ на чии познати македонски ора заигра најмладата публика.
На втората фестивалска вечер, вчера вечер, настапија „Распеани велешани“ од Велес, Македонија, Фолклорен ансамл „Јагитка“ од Украина, Оркестар на традициски инструменти при ОМУ„Стефан Гајдов“ од Велес, Македонија, КУД „Рожаја“ од Црна Гора, КУД „Гердан од бисери“ од Охрид, Македонија, ФА „Миорита“ од Романија и ФА„Мало црниче“ од Србија.
Во има на организациониот одбор на фестивалот, претседателот Томе Јаневски, освен благодарници на гостите учесници на втората вечер ,исто така, им подели и на сите лица кои во изминатите 19 години учествувале и дале свој придонес во подготовката и во реализацијата на ИФФ „Велес“.
Вечерашната трета фестивалска вечер во Амфитеатар на Младински парк започнува во 20:30 часот. Организаторот го очекува присуството на публиката која и годинава, како и во изминатите, доаѓа во огромен број и се бара место повеќе за седење.
Убавка Јаневска
Фото галерија од позадина на сцената на Амфитеатар