Голем успех за велешкиот театар – „Без крв“ триумфираше на престижните награди АСКЕЕР во Бугарија

Објавено на 26 мај, 2025 во 10:54

Велешкиот Театар „Ј.Х.К Џинот“ запиша голем успех на меѓународната сцена. Копродукцијата „Без крв“, реализирана заедно со Драмски театар Пловдив, на годинешното издание на престижните бугарски театарски награди АСКЕЕР ја доби наградата за најдобра претстава – највисокото признание кое се доделува на најупешното сценско дело во Бугарија во изминатата театарска сезона. Ова е исклучителен успех и чест не само за тимот на претставата, туку и за Велес и велешката културна сцена.

-Режисерката Диана Добрева, која ја предводеше оваа продукција, беше наградена со АСКЕЕР за најдобра режија, а наградата за најдобра костимографија ја понесоа Раде Василев и Елена Вангеловска, исто така дел од креативниот тим со силни врски со македонската театарска сцена. Покрај овие признанија, „Без крв“ доби и неколку номинации поточно, композиторите Сашко Костов и Јавор Карагитлиев беа номинирани за оригинална театарска музика, а сценографот Валентин Светозаров за најдобра сценографија, објаснија од велешкиот театар „Џинот“.

Наградите АСКЕЕР се доделуваат од 1991 година од страна на Фондацијата АСКЕЕР и претставуваат највисока форма на признание во бугарскиот професионален театар. Учеството и триумфот на велешкиот театар на ова ниво претставува силен поттик и признание за континуираната работа, иновации и интернационална соработка театарот.

Овој успех уште еднаш го става Велес на мапата на европската театарска уметност и претставува гордост за целиот град.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.