Кумановски графичари со изложба во Велес (ФОТО)
Дваесет и шест уметнички дела на деветмина графичари, вчеравечер беа изложени во Ликовниот салон во Велес. Графиките изработени во повеќе техники се дел од биеналната изложба „Кумановски графичари“, што ја организира Центарот за култура од Куманово . Дел од графиките се во боја и тоа на графички уметници од повеќе генерации од Куманово.
„Изложбата не е тематска туку е по слободен избор на самите автори. Тука можеме да видиме индивидуални пристапи во зависност од размислувањето на графичарите. Изложени се повеќе ликовни концепти, нешто што е фигурално или апстрактно. Се разликуваме од другите изложби по тоа што секогаш се обидуваме да изложуваме свежи дела пред пошироката јавност“, рече промоторот на изложбата Роберт Цветковски.
Изложбата „Кумановски графичари е востановена во 2003 и се одржува на секои две години. Таа досега освен во Куманово била претставена и во Кавадарци. По Велес ќе биде изложена во Кочани и во Кратово./Д.С