Промовиран зборникот „Велешки поетски пулсирања“
Над триесетина поетски творби од роднокрајни писатели се впишани во новиот зборник „Велешки поетски пулсирања 2015“, што вчеравечер беше промовиран пред велешката јавност. Промоцијата на зборникот е уште еден документ кој го потвдрува фактот дека Велес и понатаму е центар на културата, традицијата и македонскиот непокор по кој се препознаваме и идентификуваме.
„Промоцијата на велешкиот поетски зборник на Клубот на писатели што го носи името на основоположникот на современата македонска литература Кочо Солев Рацин е уште еден пример со кој се покажува дека еднаш посеаното семе до ден денешен продолжува. Одговорноста пред пишаниот збор покажува дека литературата потекнува од самиот живот но теоријата вели дека таа од секогаш била и си останува нешто повеќе од обичниот живот“, рече промоторот Васил Тоциновски.
Поетскиот зборник е исткаен од стихови на познати и непознати писатели чија најголема љубов е пишаниот збор. Во него се вметнати и стиховите на ученици од четирите средни училишта во градот.
„ Се надеваме искрено дека ќе прерасне во традиција затоа што една од нашите членки од Германија изрази волја да биде спонзор на вакво издание во наредните години. Многу ми е драго што се застапени учениците од средните училишта со по три ученика од сите четири средни училишта. Мислам дека тоа ќе биде поттик понатаму и за идните генерации, да творат и да читаат“, рече писателката Лилјана Арсова.
Ова е второ издание на поетскиот зборник „Велешки поетски пулсирања“. Неговата вчерашна промоција во Ликовниот салон беше збогатена со настапи на ученици од музичкото училиште како и со стихови од млади роднокрајни писатели./Д.С