Рациново признание за Сашо Димовски и Владимир Јанковски
Рациновото признание годинава во рацете на двајца писатели. Наградата поддеднакво ќе ја делат Сашо Димовски за романот „Петтото годишно врееме“ и Владимир Јанковски за романот „Невидливи љубови“. Членовите на жири комисијата и двата романи ги оценуваат како компактни, прецисзно артикулирани и сосредоточени околу една иста тема, љубовта.
„Оценувајќи дека овие две сосема дивергентни ама и неспорно вибрантни романескни варијации на љубовна тема интензивно ги поврзува токму она што навидум и ги разликува (дури и разделува!), жири-комисијата едногласно одлучи дека ќе е најсоодветно Рациновото признаниеза 2016 година да им биде доделено подеднакво. Нагласувајќи го фактот дека годинешното Рациново признание фактички ја поддржува и ја афирмира токму најмладата македонска проза, жири-комисијата својата одлука ја заклучува со убедување дека македонските издавачи и автори ќе ја препознаваат и во иднина ќе ја поддржуваат токму ваквата профилација на оваа респективна награда“, рече д-р Јелена Лужина, член на жири комисија.
Лауреатите на Рациновото признание Димовски и Јанковски се повеќе од задоволни што ја имаат честа да ја добијат најпрестижната награда во македонската книжевност и литература.
„Огромна чест и засдоволство е да се биде дел од овој чин кој се однесува на доделувањето на Рациновото признание кое мене пред се интимно ми значи заради она што јас го творрам и негувам. Да се носи награда која го чествува и величи неговото име подразбира да се живее, да се мисли и да се расудува и да се гради и создава во духот на она што Рацин го поставува како стандард а тоа е еволуцијата на мислата во насока на создавање на нови полиња на промислување и пласирање на нови погледи пред се во внатрешниот свет“, рече Сашо Димовски.
„Наградата секогаш значи поттик за авторот, таа никогаш не треба да биде заокружување туку подобра мотивација за пишување на следна книга. Во последно време литературата па и уметноста како да се трга од нашите радари и интереси, па затоа треба да се пофалат и поддржат ваквите ентузијастични напори на организаторите кои се трудат уместноста, литеартурата, поезијата да ја вратат во интересот кај луѓето бидејќи тие можат да понудат сето она што не може да го понуди брзиот, површен, инстант свет“, рече Јанковски.
Почесното Рациново признание за 2015 година пак го добива професор доктор Борислав Павловски, истакнат универзитетски професор кој живее и работи во Хрватска. Признанието го добива за афирмација на македонскиот јазик, литератрура и култура, надвор од границите на државата.
Рациновото и Почесното Рациново признание ќе бидат доделени на централната манифестација за одбележување на 53 Рацинови средби што ќе се одржи на 9 јуни, во четврток, со почеток во 21.30 часот./Д.С