Велес се отвора за светските стрип цртачи

Објавено на 13 октомври, 2012 во 22:07

Мауро Лоренти, автор на познатиот стрип „Загор“, втор врвен дострел на Стрип центарот на Македонија.

Овој врвен стрип цртач на издавачката куќа  „Бонели“ од Италија беше специјален гостин во Велес.  Лоренти зад себе има продадено изданија со милионски тираж во Европа и во Јужна Америка.

 

Организаторите на годинешното издание на Стрип салонот велат дека секогаш се трудат на македонската стрип сцена и љубителите на стрипот да им донесат светски афирмирани автори. Нивното  лично искуство поттикнува нови генерации на автори и читатели на стрипови.

„ Нашиот Стрип салон  е реномирана манифестација за која интерес покажаа и не помалку афирмирани творци од Македонија во споредба со големите светски стрип мајстори како што е Мауро Лоренти. Создадовме  база за стрипот во земјава сега очекуваме уште поголем број на заинтересирани млади но и повозрасни граѓани да станат дел од нашето стрип семејство, “ вели Ване Трајков претседател на Стрип центарот на Македонија.

Ликовниот салон во Велес  на едно место ги собра најдобрите македонски и балкански стрип цртачи. Тие дојдоа од неколку македонски градови како и од соседството. Традиционално, на манифестацијата, се доделија признанија за придонес и афирмација на стрип уметноста како и награди од меѓународниот стрип конкурс на кој годинава учествуваа најмногу 53 стрип цртачи со вкупно 138 стрипови од 26 земји. Сите три награди завршија во рацете на автори од Србија. Стеван Субиќ за стрипот „Трагови“ ја доби наградата  Златен стрип, втората награда им припадна  на Марко Стојановиќ и Марко Врандешиќ за стрипот ,,Наемник,, а добитници на третата се Милорад Вицановиќ и Марко Стојановиќ  за стрипот ,,Кула,,. Наградата за уметнички израз, поточно за цртежите и за текстот  во стрипот „Шума“,  ја добија  Јоана Санецка  и Силвија Рестецка од Полска.

Седумгодишниот велешанец Лука Мидовски го  доби признанието за најмлад стрип цртач.

Киро Донев, долгогодишен уредник на списанието „Наш Свет,, и редакцијата на  „Детска радост“, за педесет годишото успешно промовирање на стрипот преку изданијата  „Наш Свет“, „Развигорче“ и „Другарче“,  се годинешни добитници на признанијата  за особен развој и афирмација на македонскиот стрип.

Организаторот, Стрип центарот на Македонија организираше бројни изложби, работилници и предавања. Посетителите добија можност за размена на стрипови. Манифестацијата финансиски ја помогнаа министерството за култура, општина Велес и фондацијата Институт отворено општество – Македонија.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.