Пешиќ ќе излага во Њујорк !
Кавадарчанката Дивна Пешиќ својот раскошен талент го потврдува и како ликовен уметник. Дивна две години по ред освојува прва награда на престижниот ликовен конкурс „Американска награда за уметност “ во организација на најпознатите 25 уметнички галерии во САД. Годинава по вторпат со нејзиното дело масло на платно „Силата на Мајка Тереза“ во категоријата религија, на тема „Како да направиш љубовта да остане“.
Благодарение на наградата и одличните критики, Дивна Пешиќ доби покана од страна на Галеријата „Амстердам Витни“ во Њујорк да се претстави со самостојна изложба од 7 до 26 декември, годинава.
На изложбата ќе бидат поставени 27 дела од нејзиниот последен циклус работени во техника масло на платно на тема „Како да направиш љубовта да остане“.
Свеченото отворање на изложбата ќе се случи на 12 декември во една од десетте најпрестижни галерии на Менхетн, во срцето на Њујорк.
Да потсетиме дека Дивна Пешиќ е учесник на олимписките игри во Сиднеј и во Атина каде ја претставуваше Македонија во дисциплината стрелаштво.
