Цртежи на кумановски ликовни уметници изложени во Кавадарци!
Изложбата во галеријата на домот на културата е почеток на соработка помеѓу Кавадарци и Куманово.
Ликовната изложба на цртежи од биеналниот проект “Скици 2012“од вечерва е поставена во домот на култура во Кавадарци. Љубителите на ликовната уменост имаат можност да видат дваесет дела во сликарска техника – цртеж на академски сликари од Куманово. Авторите творештвото го создавале последниве неколку години. На цртежите се прикажани различни мотиви со мошне силни стилски изрази.
“Биеналниот проект “Скици 2012“ е продолжување на нашите заложби за еден континуиран процес на подршка на цртежот, како еден сегмент од кумановската ликовна сцена, кој што во изминатиот период не бил во фокусот на интерес на стручната и пошироката јавност. На отворениот конкурс каде што целна група беа академските сликари од Куманово се пријавија осум автори кои што пријавија околу дваесетина цртежи работени во повеќе техники“ рече Роберт Цветановски, историчар на уметноста од Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ од Куманово.
Изложбата за отворена ја прогласи, директорот на Домот на културата “Иван Мазов Климе“, Владимир Темков кој нагласи дека кавадарчани започнуваат соработка со уметниците од Куманово.
Во наредните седум дена, љубителите на уметноста во Кавадарци, имаат можност да се запознаат со делата на кумановските ликовни уметници: Момчило Аврамовски, Борис Кукуњавски, Трајко Тошевски , Марија Вечичковска, Дејан Арсовски-Бабата, Зоран Арсовски – Бабата, Милена Христовска и Далибор Крстевски.