Државата го одврза ќесето, ќе се санира покривот на Спомен – костурницата во Велес!
За реконструкцијата, министерството за култура, предвиде сретства во Годишната програма од национален интерес за 2013 година.
Санацијата ќе ја изведе Националниот конзерваторски центар од Скопје. Објектот, во чија внатрешност се наоѓа најголемиот мозаик во државава дело на еминентниот уметник Петар Мазев, ќе се спасува од понатамошно прокиснување.
Водата, од силни и поројни дождови како и од снегот, подолг период навлегува во внатрешноста на репезентативниот објект. Така создадени се флеки на повеќе места над и под монументалниот мозаик кој ја отсликува борбата за слобода на македонскиот народ од Илинден до победата над фашистичкиот окупатор.Мозаикот се простира на ѕидовите низ целата внатрешност на објектот поточно на површина од 275 метри квадратни. Изработен е од природен и вештачки камен од венецијанска паста, во неколку бои.
Спомен костурницата, на влезот на Велес, е изградена пред триесет и четири години на идејно решение на академскиот вајар Љубомир Денковиќ и архитект Саво Суботин од Србија. Објектот има форма на афионов цвет.
До него се стигнува со искачување по стотина скали. На платото непосредно пред влезот, до пред неколку години беа поставени плочи со испишани имиња на велешани, учесници во Народно ослободителната војна.
Сега веќе ги нема бидејќи вандали постојано ги уништуваа со тоа што ги крадеа буквите и ги нагрдуваа плочите. Свернавењето најчесто се случуваше ноќе. Поради оштетената електрична инсталација не е осветлен комплексот во кој се наоѓа спомен костурницата на загинатите борци во народно ослободителната војна. Минатиот месец, на покривот на костурницата, деца со спреј си пишуваа имиња и пораки.
Објектот, втор пат ќе се реновира за седум години. Во 2005 година државата обезбеди 100 илјади евра а санацијата ја изведе Националниот конзерваторски центар од Скопје.