Ликовен салон Велес : Мозаици од дрво!
Од мозаици на кои се прикажани мотиви од велешка архитектура, изработени од ореово дрво е составена изложбата на велешанецот Ташко Ташковски.
Сите се уникатни и несекојдневни ако се знае дека се изработени од дрвени парчиња чија големина се мери во милиметри. Наредени се едно до друго исто како камчињата во мозаикот и даваат приказ на слика. И токму тоа, замената на каменот со дрвото, го прави Ташковски уникатен и единствен во Македонија. Глетката е неверојатна затоа што многу автентично на мозаиците се прикажани Малото мовче и Градскиот саат, куќите на Касапови, на Рацин, Џинот и Главинов. Посебна реткост е мозаикот на кој е прикажана старата скопска чаршија.
На ниту еден мозаик не е присутен човекот а сите имаат душа, рече на отворањето на изложбата сатиричарот Ристо Крлевски. „Ташковски е уметничката душа, отсутен е и кога е присутен“, додаде сатиричарот Крлевски.
Кога првпат видел што работи Ташковски пријатно изненаден бил и академскиот скулптор Илчо Стојановски. „Само му кажав неколку сугестии, внесе малку уметнички дух и работи на текстурата и формата затоа што освен мозаични во овие дела има многу рељефни и скулпторски решенија. Внеси и нови мотиви,“ рече Стојановски.
Ташковски за себе вели дека одсекогаш го инспирирале старите градби, преубавите велешки куќи, особено оние кои повеќе ги нема. Дел од нив ги видел на фотографии додека со поголемиот дел е собеседник. Сите ги пренел на мозаиците со своите две раце, скалпел и ноже.
„ Особено е значајно од кој дел на ореовото дрво е создаден приказот на мозаикот. Ги избирам и нијансите од посветло кон потемно, од внатрешноста или средиштето, срцевината кон надворешните слоеви на парчето дрво. Така ги создавам парчињата од дрво кои потоа ги редам, ги составувам и го создавам мозаикот. Тоа е техниката на мојата уметност. А сето ова го правам со единствена цел, да ги сочувам спомените за автентичните, убави градби на велешките куќи кои веќе не постојат и да ги пренесам на идните генерации“, рече Ташко Ташковски.
По онаа во Скопје, во домот на АРМ, оваа е втора изложба на Ташковски во Македонија. Прва е пред велешани и ќе можат да ја посетат во наредните седум дена во Ликовниот салон. /Е.Н