ЕУ карикатури – изложба на Милман во Велес
Во Ликовниот салон на тема „Македонија и Европската Унија“ изложи педесет карикатури, секоја посветена на одредена ситуација или случка поврзана со приказната за државата и граѓаните во приближувањето кон големото европско семејство. И успеа да ги насмее посетителите.
Иако карикатурата е филозофија Милман не филозофира туку црта. Неговиот цртеж е интересен за гледање а пораката лесно читлива. Велешанецот чии цртеж се појави пред три децении и не ги остави рамнодушни карикатуристите, асоцијациите, часописите и посетителите на галериите, дома и во странство, е Миле Манчевски.
Тој многу не говори затоа што претпочита за него да говорат неговите карикатури. Но за него и за творештвото на кое го посвети скоро целиот свој живот и досега и синоќа колегите, пријателите и обожувачите на делата велеа дека Манчевски е најголемиот „алхемичар“ што го познаваат чиј препознатливиот стил стана македонски бренд во карикатурата.
Впечатокот од синоќешната изложба пак е дека богатството на идеи и досетливост Милман ги споил во интересни ликови и случки прецизно исцртани од неговата рака. Тие го прават имплицитен критичар на прецизната слика на Унијата и нејзиниот однос кон Македонецот.
– Миле се зафака со една тема која веќе дваесет години не мачи сите нас, влезот на Македонија во ЕУ. За оваа тема во нашата држава се напишани тони и тони хартија . Миле пак со овие педесет карикатури успеал да го прикаже најбитното во целата таа ситуација и да биде појасен од илјадници кажани зборови. Погледнете ги карикатурите и прочитајте ја пораката што ја содржат. И да завршам карикатурист се римува со хуманист, рече Миро Ѓоргиевски.
На изложбата афоризми и посветија сатиричарите Атанас Крлев и Васил Толевски. Авторот Манчевски рече дека во последната година изработил вкупно 210 од кои на изложбата се изложени педесет карикатури. Тие ги содржат илустрациите за кризата во ЕУ, еврото, проблемите на неколку членки и проблемот со приемот на Македонија.
– Најголем дел од карикатурата досега не се објавени но по оваа изложба ќе бидат објавени. Јас се што имав кажав сега граѓаните се на ред, нека ги погледнат карикатурите и нека си создадат сопствен коментар, рече Манчевски.
Тој веќе интензивно работи на карикатури на интересна и досега не експонирана тема во Македонија. Тие ќе бидат поставени на неговата следна изложба, в година.