Промовирана стихозбирката „Преливот на изблиците“ од Светлана Босилкова Далевска (фото)
Четвртата издадена книга на авторката Светлана Босилкова Далевска, стихозбирката насловена „Преливот на изблиците“, денеска, беше промовирана во велешката библиотека. Промоторката на стихозбирката, Светлана Ќулумова, пред присутната публика потенцираше дека пишувањето поезија е тешко но истовремено и благодарно бидејќи авторот пишувајќи ги своите чувства на лист хартија успева да допре до секој читател на различен начин.
– Книгата започнува со песната „Жубор на душата“ во која се воспоставуваат поетските слики како борба меѓу доброто и злото, мракот и светлината. Жуборењето на душата е борба со себе си, со сопствените емотивни талози и со светот што истите ги создава, додаде Ќулумова.
Авторката Босилкова Далевска веќе 30 години живее надвор од својата татковина, во далечната Германија. Таа денешната промоција ја искористи и упати апел до своите читатели да го користат кириличното писмо при пишување објави на социјалните мрежи бидејќи на тој начин светот полесно ќе дознае за македонскиот јазик.
-Јас сум дводомна поетеса или дводомен граѓанин. Македонскиот јазик е мој зарек и на него пишувам, творам. Така ја премостувам туѓината, ја премостувам близината на мојата земја. Таму исто така, творам на германски јазик но не ги објавувам песните, ги пишувам само за мене. Бидејќи пишувам електронски, апелирам до сите да не користат латиница при пушување бидејќи тоа не е нашето писмо. Нашето писмо е кирилично, фејсбук платформата ја чита целиот свет, и ако некој сака да прочита, нека чита на кирилично писмо со цел да го запознае нашиот убав јазик, додаде Босилкова Далевска.
Директорката на градската библиотека, Снежана Бошевска, рече дека и претставува посебна чест кога во медијатеката се прмовираат велешки автори.
-Библиотеката е секогаш отворена за нови промоции, посебно на велешки автори. Најновата стихозбирка на авторката е полна со љубов и емоции. Знаеме дека секој автор кога твори нешто остава дел од својата душа и емоции во книгата. Така да, кога ќе ја прочитаме оваа стихозбирка ќе ги пронајдеме сите емоции на писателката, додаде Бошевска.
За време на промоцијата, авторката, со музичка придружба од Благој Пановски – Оршата, пред присутните прочита дел од своите песни објавено во последната стихозбирка. Но, прочита и една песна на германски јазик којашто не е објавена на ниту едно место.
Инаку, голем дел од творешството на Босилкова Далевска може да го прочитате на социјалната мрежа „фејсбук“, кадешто таа несебично споделува голем дел од своите песни.
Оваа стихозбирка е издаде со финансиска поддршка на Агенција за иселеништво на Македонија.
Стефани Манева