Прва заедничка изложба на слики на Филип и Ангел Коруновски во Велес
Четириесет дела работени во комбинирани сликарски и цртачки техники ќе бидат изложени на првата заедничка изложба на Филип и Ангел Коруновски, наречена „Symbiotix“ во четворток, во просториите на Ликовен салон во Велес. Сите дела се работени на квадратни платна и се рефлексија на чувста и размислите на уметниците во контекст на апстрактната уметност и акционото сликарство во насока на личното современо доживување на општеството.
Филип Коруновски е ликовен уметник роден во 1987 година и својата наобразба ја започнал во 2002 година во Државното средно училиште за Применета уметност „Лазар Личеновски“ на отсекот за Графика и графички техники во Скопје. Потоа, во 2006 година високото образование го продолжува на Факултетот за Ликовни уметности при универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје на отсекот за Графика со графички дизајн. Во 2011 година Коруновски магистрира на одделот за скулптура на истиот Факултет. Тој истата година во Ликовниот салон во Велес ја поставувил својата прва самостојна изложба на цртежи, колажи и слики „Урбана синтеза“, подоцна во 2011, исто така, ја поставил изложбата „Р.Р.Р.“ на која изложувал асемблажи и скулптурални објекти. Филип Коруновски е сценограф во театарот Ј. Х.К.Џинот од 2014 година и имаЛ работено на повеќе од 20-тина претстави во матичниот театар, како и во Штип, Охрид и Скопје.
Ангел Коруновски е роден во 1979, во Велес и своето образование го започнал во 1995 во Државното училиште за Применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје на одделот за Вајарство. Во 1998 по завршувањето на средното образование се запишува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на катедрата за Вајарство и скулптура, под менторство на проф. Васил Василев, Коруновски дипломира на истиот факултет во 2003 година. Од 2009 до 2011 Ангел Коруновски ги посетува постдипломските студии на истиот факултет кадешто се стекнува со називот Магистер по скулптура во 2011. Тој учествувал на повеќе од 50 групни изложби, од кои најважни се: годишните изложби на ДЛУМ од 2005 до 2020, “Fierce historian echo” организирана од Националната галерија на Македонија во 2006, “Balkan, cultural space with no borders” – Србија 2007, “Colony Europe – Balkan” – Бетон, Франија 2010, Колонија „Папрадишки мајстори“ каде што беше раководител од 2009 до 2017 во Велес, Македонија, “Jaroslavski plener” – Јарослав, Русија 2017. “Symposium for drawing on walls and boats” Каиро, Египет 2018.
Самостојни изложби на Ангел Коруновски се „Симболички примитивизам“ – Државно училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“ – Скопје 2002; „Треперење“ – Народен театар „Јордан Х.К.Џинот“ – Велес, Скопје, и Куманово 2003; „Пејзажи“- Будва, Црна Гора – 2016; „Рефлексии н херметичноста“ – Ликовен салон Велес, Младински културен центар Скопје, „Иван Мазов – Климе“ – Кавадарци 2016, „Почетокот на почетокот“ дом на култура „Марко Цепенков“ – Прилеп 2020, “Chaotic cosmos” – Prima Center Berlin, Берлин 2020.
Заедничката изложба ќе биде отворена на 24 март, четврток, со почеток во 19:30 часот во Ликовен салон во Велес.
Стефани Манева